Луѓето во ЕУ масовно умираат поради загадениот воздух

by Fokus

Загадувањето на воздухот со ситни честички уби речиси 240.000 луѓе во Европската унија во 2022 година, што е намалување за пет проценти во однос на претходната, се вели во извештајот објавен од Европската агенција за животна средина.

Агенцијата процени дека има „најмалку 239.000“ смртни случаи кои се припишуваат на изложеност над препорачаните нивоа на ПМ2,5, најмалите честички за вдишување најопасни по здравјето на луѓето.

Бројот на смртни случаи како резултат на изложеност на штетни честички е најголем во Италија, Полска и Германија.

Низ континентот, оваа бројка опадна во споредба со 2021 година, кога честичките, кои можат да навлезат длабоко во белите дробови, предизвикаа 253.000 предвремени смртни случаи.

Агенцијата објави дека севкупното проценето влијание врз здравјето на луѓето се подобрува кога станува збор за долгорочна изложеност на три клучни загадувачи на воздухот – фини честички, азот диоксид и озон.

Помеѓу 2005 и 2022 година, бројот на смртни случаи што се припишуваат на PM2,5 падна за 45 проценти, а Агенцијата се надева дека ќе ја постигне својата наведена цел за намалување на таквите смртни случаи за 55 проценти до 2030 година.

Во извештајот се наведува дека имало 70.000 смртни случаи кои се припишуваат на изложеност на загадување на озон (О3), особено од патен сообраќај и индустриска активност, и 48.000 предвремени смртни случаи како резултат на вдишување на азот диоксид (NO2), главно од возила и термоцентрали.

Агенцијата не ги собира бројките, имајќи предвид дека во тој случај некои смртни случаи би се избројале двапати, но посочува дека загадувањето на воздухот и понатаму останува најголемата еколошка закана за здравјето на Европејците.

Поврзани новости