Лекот дексаметазон, за кој научници од Оксфорд вчера излегоа со истражување дека се покажал како делотворен кај најтешко болните пациенти од Ковид-19 се користи и на Инфективната клиника во Скопје и се покажал како корисен.
– На почетокот, нашите колеги од другите држави, кои пред нас се соочија со коронавирусот, тврдеа дека не само што дексаметазонот не е корисен, туку тој може и да им наштети на пациентите. Но, ние на Инфективна клиника, воведувајќи го интензивното лекување, неговата примена ја најдовме како многу корисна, се разбира, комбиниран со сите други терапии, пред сè антибиотски. Ние го користевме во овој период и заклучивме дека во вистинскиот момент, кога сметаме дека треба да се даде, и кога сме го давале, сме имаме бенефит од лекот, вели Милена Стевановиќ, директорката на КЗИБИФС.
Сепак министерот за здравство Венко Филипче апелираше луѓето да не се снабдуваат со резерви или да купуваат дексаметазон заради тоа што не е лек за домашна употреба и не се дава само како еден единствен лек, туку во комбинација со повеќе лекови.
-Тој е во исто време лек кој како кортикостероид има и многу несакани ефекти. Тоа е лек кој што има антифламаторно, противвоспалително дејство меѓутоа во исто време има и имуносупресивно дејство, односно го намалува имунитетот. Во Америка е ставен на листата на лекови кај коишто треба докторот да оцени дали бенефитот е поголем од ризикот и врз основа на тоа се дава. Значи после деталната анализа на клиничката слика, утврдување на комбинацијата на лекови така се препишува дексаметазонот, рече Филипче.