Самохраната мајка Марија Шиниковска од Охрид, која пред две недели преку ,,Фокус” аплеираше до хуманите граѓани да и помогнат со финансии за лекарски испитувања за нејзините две деца, упати јавна благодарница до сите кои покажале хуманост во тешките моменти со кои се соочила.
Таа појаснува дека потребните испитувања за ќерката и синот веќе биле завршени, им се утврдила дијагноза, а истите било неопходно да се направат со цел да се одреди и соодветна терапија за децата, но и за таа да може да аплицира за надоместок за користење на нега.
-Им благодарам на сите хумани луѓе кои помогнаа моите деца да се лекуваат, односно да им се направат испитувања во приватните клиники Жан Митрев, Ремедика и Калинка. Сакам да изразам и огромна благодарност до охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, кој ги покри трошоците за испитувања, однсно за магнетно снимање и дијагностика за син ми Виктор, кои изнесуваа 21.300 денари.
Се сплотија луѓе кои ниту не познаваат, ниту некогаш ги виделе моите деца, одвоија од своите примања за нам да ни помогнат. Немам доволно зборови за благодарност, ова ни беше тежок период, бев во безизлезна состојба и морав да заборавам на срамот и јавно да барам помош.
Подадената рака во вакви ситуации значи премногу, ни се врати вербата во добрината и сфативме дека не сме сами во нашата борба, која продолжува, бидејќи децата ми се соочуваат со комплицирани здравствени состојби-изјави мајката.
Како што појаснуваше пред две недели, кога се објави апелот за помош, ќерката која има девет години имала церебрална парализа и искривување на ‘рбет, додека пак синот кој имал пет години бил со аутизам. Самохраната мајка работела како садомијачка во охридски хотел, и живееле под кирија само од нејзината плата.
Сумата која и беше потребна за да се направат лекарските прегледи и дијагностики првично изнесуваше околу 300 евра, но откако со децата дошла во Скопје, по прегледите им било кажано дека се потребни дополнителни медицински испитувања и услуги, чиј износ дојде до околу 1.000 евра, пари кои се собраа за неколку дена по објавата на апелот.
Вики Клинчарова