Низа на сообраќајни несреќи во кои повеќе лица ги изгубија животите или пак завршија со тешки повреди се случуваат изминативе години во земјава, во бркотници помеѓу криумчари на мигранти и полициски возила. Во обид да се побегне од полициската контрола, шверцерите на илегални мигранти ,,летаат” по патиштата, загрозувајќи невини животи, а црните статистики, ако епилог на вакви бркотници постојано растат.
Последните трагични настани кои се случија овој месец резултираа со смрт на еден мигрант од Сирија, кој на 12-ти јануари загина во сообраќајка во близина на Дојран, а друг мигрант заврши со тешки телесни повреди. Настанот се случил откако кримучарот во чие возило се превезувале 11 мигранти не застанал на дадена наредба за запирање од страна на полициски службеници, на влез во Валандово ја зголемил брзината, а потоа ја отворил вратата и скокнал. Возилото со мигрантите завршило во провалија.
Следниот случај со тешка сообраќајна несреќа во која учествувале четири патнички возила, помеѓу кои и едно во кое се превезувале седум мигранти од Сирија, а во која загина 68-годишен маж од Богородица, се случи на 19-ти јануари. Сопатничката на загинатото лице се здобила со тешки повреди, како и мигрантите, кои се превезувале во друго возило, управувано од страна на 48-годишник од Македонска Каменица.
И во Неготино на 19-ти јануари во вечерните часови , односно од околу 21 часот, се случуваше филмска бркотница со 28-годишник од градот и полицијата. Лицето претходно не запрело на знак за запирање од страна на полициски службеници на автопатот во близина на Неготино, се обидело и да удри полициски автомобил, по што бркотницата продолжи низ улиците, во период кога беше доста раздвижено.
Од СВР Велес информираа дека лицето било лишено од слобода во 22.30 часот. Која била причината за неговото бегство од полицијата, се уште нема официјални детали, но голем број на граѓани реагираа дека се вознемирени од бркотницата со која се ставил на ризик животот на пешаците, но и на возачите и нивните сопатници кои во тој период се нашле на улиците каде се случуваше настанот.
Не е за занемарување ниту бројот на сообраќајни несреќи на возила во кои се криумчарат мигранти, а во кои со тешки повреди завршија голем број на мигранти при обиди на криумчарите да побегнат од полициските контроли.
Маж од село Градашорци на возраст од 34 години загина, а неговата сопатничка беше тешко повредена на патот Струмица – Радовиш во јуни 2020 година, кога во нивното возило удри криумчар на мигранти кој бегал од полицијата. Тој превезувал 11 мигранти од Пакистан, и повеќето од нив завршија со тешки повреди. Во сообраќајката, криумчарот во обид да побегне од полицијата првин удрил во возилото на лицето од Градашорци, а потоа и во друго возило, по што се забил во ѕид.
Возила полни со мигранти кои се превртеле, додека кримучарот се обидувал да побегне од полицијата, починати или тешко повредени мигранти, како и невини жртви кои случајно со своите возила се затекнале на местото на бркотницата се честа вест во дневните билтени на МВР.
Бурни се реакциите на загрижените граѓани кои прашуваат дали вреди да се загрозуваат невини животи и апелираат да се бара поинаква стратегија при ловот на криумчарите, наместо бркотниците со возила по патиштата, но и во населени места.
Во помали места, велат наши соговорници, јавна тајна се имињата на шверцерите на мигранти и лесно може да им се влезе во траг.
На една таква бркотница, која за среќа заврши без човечки жртви сведочеа и граѓани на Велес, кога двајца 18-годишници со комбе превезувале 23-ца мигранти, кон крајот на октомври минатата година. Во бркотница со полицијата низ главната улица, околу 20 часот, кога низ градот е раздвижено, возилото заврши во ископан канал на улицата која се реконструираше. Велешани тогаш реагираа дека настанот можел да заврши со човечки жртви, бидејќи низ градот имало доста пешаци, како и возила, а посебно загрижуваше фактот што зад воланот седело лице кое штотуку станало полнолетно.
Во Куманово пак, во септември 2020 година, криумчар со камион со 34 мигранти, бегајќи од полицијата удри во ограда на куќа. За среќа, во несреќата немаше човечки жртви.
Една година пред тоа, исто така во Куманово, камион со 81 мигрант бегајќи од полицијата пропадна во раскопана шахта на улицата ,,Железничка”.
На автопатот Демир Капија – Неготино пак, во мај 2020 година, две возила кои превезувале 19 мигранти, бегајќи од полиција се движеле во спротивен правец, по што удрија во неготинско возило, од кое една сопатничка заврши со телесни повреди.
Ваквите и слични приказни се чини дека немаат крај и низ балканската рута годишно минуваат илјадници мигранти, односно бегалци кои сакаат да стигнат до ЕУ. Шверцот на мигранти, односно нивниот превоз, за многумина, посебно за млади лица, се претвори во профитабилен црн бизнис и илегалното превезување продолжува и покрај многуте трагедии кои се случија на патиштата.
фото: Илустрација
Вики Клинчарова