Луд дочек на Нова година во клубови во Охрид и афтерпарти на брод нудат агенции од Србија!

by fokus

И покрај забраната за организирање на каков било тип на прослава за новогодишните празници во земјава на отворен и затворен простор, и новото работно време на угостителските објекти до 18 часот од 18-ти декември до 20-ти јануари, сепак туристички агенции од соседна Србија нудат аранжмани за дочек на 2021 година во Охрид во ноќни клубови.

За 49 евра од лице, за пет дена и три ноќи се нуди тура од Ниш до Охрид, со автобус, која би започнала на 30-ти декември, а би завршила на трети јануари. На страницата на српски туристички агенции е опишано дека во пакетот се вклучени посети на културни и историски знаменитости во Охрид, како и организиран дочек на Новата година во еден од најпознатите клубови или ресторани во Охрид. Сместувањето на гостите ќе било во приватни вили и објавени се фотографии и детали за повеќе вили.

Првиот ден во Новата година најавена е афтерпарти забава на брод, а на втори јануари 2021 година забава за збогување, исто така во ноќен клуб.
Последниот ден е планирана прошетка низ Скопје.

Деталите за патувањето се објавени на страницата на агенцијата Макс Травел, но и на многу други агенции како Дрим Турс, Хало Турс, Глобус, каде цената варира со околу десетина евра плус.
Интересно е што во описот на турата сите агенции наведуваат дека Новогодишниот дочек ќе биде во ресторан или ноќен клуб.

По вчерашната објава на Владата дека е забрането организирање на прослави за време на празниците, ниту една од агенциите во Србија се уште ја нема повлечено понудата во Охрид.

Вики Клинчарова

Поврзани новости