Во земјава нема кој не го знае шоу-биз новинарот Зоран Василевски, познат како Зоки Фаци. Уште пред две децении тој на некој начин ги постави темелите на шоу-биз новинарството кај нас, со своите интересни и забавни содржини кои секогаш го привелкуваа интересот на јавноста.
На почеток во печатените медиуми, а потоа и на малите екрани, тој му донесе една нова димензија на забавното новинарство, со прилози за животот на јавните личности, направени без влакна на јазикот. Токму тој пристап му донесе огромна публика, како и голем број на критичари, но ниту една негова тема никогаш не помина незабележано.
Денес, Зоки е актуелен во јавноста откако неговиот пријател и соработник, јутјуберот Стефан Лазаров објави сметка за донации, кои се потребни за хируршка интервенција, која на Василевски треба да му биде извршена на приватна клиника. Станува збор за сума од околу 15.000 евра, за операција на мочен меур, бидејќи Зоки веќе подолг период се бори со канцер.
Битката за неговото здравје започна пред околу три години и тој веќе има две операции и повеќе хемотерапии зад себе. Од израсток на ногата, за кој подоцна се испоставило дека е агресивен вид на канцер, до канцер на мочниот меур, новинарот периодов бие тешка битка.
За ,,Фокус” вели дека позитивниот дух не го напушта и има верба дека се ќе биде во ред со него, а поддршката која денес ја добил од бројни граѓани, откако се објави апелот за донации, за него е ветар во крилја во овој тежок период.
-Трогнат сум од сите пораки, од сите желби за добро здравје, од гестовите на сите оние кои несебично веднаш ми пружија поддршка и донираат за моето лекување. По две децении на шоу биз сцената, како новниар за кого често се кажуваше дека е контроверзен, ова кое денес се случува, мене ми е показател дека луѓето ме сакаат, дека сум оставил траг со мојата работа и дека целиот труд во овие години, сепак вредел.
Кај нас го има тој некој синдром, покажуваме грижа и љубов дури откако некому нешто лошо ќе му случи, таков беше случајот и со Тоше Проески. Тој беше мега ѕвезда, но додека беше жив, за жал, често беше потценет, имаше бројни препреки на кои сум сведочел, и кои не ги заслужуваше.
Откако го изгубивме, на некој начин сфативме каква прекрасна и неверојатна личност сме имале. Не би се споредувал со него, бидејќи тој доаѓаше од друга бранша, но сепак сличнста е присутна и за други личности, кои додека биле дел од јавниот живот не ја добивале потребната поддршка, ама откако ќе се случи нешто лошо, народот им ја увидува вредноста. Да научиме дека љубовта и поддршката се покажуваат додека човек е жив, да не чекаме нешто лошо да се случи, за да признаеме нечија вредност.
Јас дури денес, по сите години минати во шоу бизнисот, почуваствува дека сум сакан! Благодарен сум на таа љубов која ја добивам, многу ми значи во овие моменти, вели Василевски.
Открива дека изминатиот период го мачело прашањето од каде ќе најде средства за операцијата, а помошта која му ја пружил Стефан Лазаров, објавувајќи сметка за донации и откривајќи детали за состојбата со која се соочува, се испоставила како исправен чекор.
-Операцијата на мочниот меур треба да се направи што е можно побргу. Се уште размислувам дали ќе се оперирам овде, на приватна клиника, или пак на клиника во Турција, од каде добив ветувачки прогнози.
Јас бев во Истанбул на испитувања, морам да го спомнам мојот пријател, моделот Христијан Богески, кој постојано беше покрај мене таму, во тие тешки моменти, кога ми беше потребна помош дури и за да одам, а тој ме придружуваше низ болничките ходници. Ќе го спомнам и сопственикот на познатата турска модна агенција ,,Даман”, Шакир Села, кој застана зад мене со целата своја поддршка.
Во вакви моменти, секој гест на грижа и внимание има уште поголемо значење, преблагодарен сум им на сите, вели Василевски.
Сите кои се можност да помогнат за да се собере потребната сума за интервенцијата на новнарот, можат да донираат на сметката на Зоран Василевски, 210 501595513764 НЛБ Тутунска Банка, со назнака – Донација. Наскоро ќе бидат објавени и телефони за донации.
Вики Клинчарова