Деновиве, кога вниманието на јавноста е свртено кон нашите репрезентативни ракометари, не изостанува интересот и за нивните животни партнерки, приватноста и кои се всушност тие надвор од спортските терени.
Познати како еден од најубавите парови, репрезентативецот Филип Лазаров и неговата сопруга Билјана, веќе четири години уживаат во брачната идила. Како круна на нивната љубов, која започнала уште во средношколските денови го имаат синот Милан, кој е редовен навивач, па дури и голем критичар на својот татко, кога е ракометната игра во прашање.
За ,,Фокус’’ Билјана открива дел од нивната приватност, и каков живот имаат зад рефлекторите.
-Месец јануари, поради настапите на нашата репрезентација ни е највозбудлив период во годината, а на Милан и покрај тоа што има три и пол години, ова му е второ првенство, по ланското во Франција. Спортските гени кај него полека стануваат видливи и секако дека најомилена играчка му е топката. Неуморен е кога станува збор за трчање и шутирање, иако концентрацијата за следење натпревар му опаѓа по 15 минути, што е нормално со оглед на неговата возраст. И покрај тоа, не заборава по секоја утакмица да праша кој победил, колку гола дал татко му, па дури и да го искара ако не е задоволен со одговорот! – раскажува Билјана.
Таа се навраќа на почетоците на нивната приказна и открива дека иако кај народот постои верување како спортистите и нивните поубави половини имаат бурен живот, сепак реалност им е легнувањето рано, работните викенди и редовни тренинзи кои бараат откажување од забавите во доцните часови.
-Почетокот на нашата врска е карактеристичен за многу спортисти. Врзан е во раните средношколски денови, можеби делумно и поради спортскиот начин на живот. Многу патувања, тренинзи, рано легнување, работни викенди без многу простор за социјализација, за среќа на нас, поубавите половини. Шега на страна, љубовта е главниот двигател, а долгата врска преку која созреваме заедно, пред четири години не однесе во нов предизвик – бракот, и улогата на родители во која бескрајно уживаме – открива Билјана, додавајќи дека тие се спокојни во мирната семејна идила, и никогаш не се пронаоѓале себеси во ударните вести од насловните страници поврзани со приватниот живот на спортистите.
Вели дека честите патувања кои се својствени за професијата на Филип им наметнале специфично темпо на живот, но веќе се прилагодиле и добро се носеле со сите предизвици.
-Филип оваа година игра во Турција, лани беше во Романија. Базата ни е во Скопје, но сепак честите патувања ни наметнуваат специфично темпо на живот. Јас сум архитект по професија, и ја користам можноста за работа на компјутер од дома. Успевам до некаде професионално да се реализирам и во вакви услови – вели сопругата на Филип, кој е роден брат на капитенот на репрезентацијата, Кире Лазаров.
Македонската ракометна репрезентација вечер од 20 часот и 30 минути во Вараждин против Чешка ќе го одигра својот втор дуел од втората фаза на Европското првенство.
Од оваа утакмица зависи дали нашата репрезентација ќе ја задржи шансата да влезе во полуфиналето, па Билјана вели дека како и секогаш, заедно со Милан од петни жили ќе го бодрат Филип и останатите ракометари.