Љубовната приказна на Џамбазови: Анче беше и остана најголемата љубов на маестро Александар!

by fokus

По 25 години откако почина актерката Анче Џамбазова, денес згасна и животот на нејзиниот сопруг, маестро Александар Џамбазов (86).

Големата актерка, ќерка на легендарниот Петре Прличко, која зад себе остави неповторливо одиграни филмски и театарски улоги, почина на 55-годишна возраст, во далечната 1997 година, оставајќи ги зад себе сопругот Александар, синот Игор и ќерката Тања.

Александар, по загубата на сопругата за која знаеше да каже дека била љубовта на неговиот живот, живееше повлечено, како што денес напиша неговиот син Игор, последните 25 години живееше тивко и нечујно.

Но, љубовта на актерската и музичката легенда, и приказните за неа, се уште се прераскажуваат.

За нивното запознавање во Охрид, во 1960 година, кога се сретнале на летување, пред Александар да оди во војска, тој емотивно се сеќаваше. Во тој период Петре во Охрид го снимал ,,Солунските атентатори” а таа со маќеата била сместена кај Света Софија.

Ја освоил со гитарата, а две години по запознавањето се регистрирале.

На почеток, Петре бил строг татко, па Александар морал секогаш да внимава да ја врати Анче дома на време, бидејќи не смеела да доцни ниту минута.

Години по венчавката, Прличко се шегувал со Александар и знаел да и каже на Анче низ смеа –Абе кај го најде овој музичар? Ја бараа тројца конзули и двајца амбасадори, јас на музикант ја дадов. А потоа ќе додадел – Ама си го сакам повеќе од Анче!

За писмата кои Анче му ги пишувала додека бил во војска, а кои се уште ги чувал, за тоа како доста млада, на 21 година станала мајка и го родила Игор, за тоа колку голема поддршка си биле во текот на целиот живот, во добро и лошо, неретко се сеќаваше. Во сите негови приказни, Анче беше неговиот херој, жената за која со години по нејзината смрт се уште зборуваше со тага и љубов која му пркосеше на времето.

Вики Клинчарова

Поврзани новости