Адвокатската комора на Република Северна Македонија го одржа 67-то годишно Собрание во рамки на кое беа избрани членови на новиот Управен одбор на Комората, а за претседател беше реизбран адвокатот Љубомир Михајловски.
Како што соопштија денеска од адвокатската Комора, Михајловски, кој по втор пат ја добива довербата на адвокатите за прв човек на Комората, во својот говор на отворањето на Собранието порача дека силата на адвокатурата, која во моментов брои 2 800 активни адвокати и дополнително стручни соработници и приправници е во единството, како неопходен услов за унапредување на професијата.
Тој ја истакна важноста на адвокатурата како неприкосновена уставна категорија, независна и самостојна професија што преставува гаранција за обезбедување непристрасна правна помош. Во своето излагање, претседателот на Комората Михајловски истакна дека членовите на Комората мора да се единствени и неподелени по партиска, етничка или верска припадност.
-Единството е сила која што ја одржува адвокатурата и ја води напред. Независноста и нејзиниот интегритет е од битно значење за адвокатурата и правниот систем на државата. Оттаму неопходно е поддршка од целокупното членство во оваа заложба. Без поддршка од секој член на комората, нема да има прогрес и просперитет во работењето. Членовите кои ќе бидат избрани мора да работат во интерес на сите адвокати. Тие не смеат да бидат чувари на поединечни интереси и со своето работење мораат да ја штитат и унапредуваат адвокатурата, посочи претседателот на Комората.