Љубе Бошкоски денеска се појави на судењето за случајот „Ровер“, иако на претходното рочиште демонстративно ја напушти судницата и најави дека повеќе нема да присуствува на судењето кое го нарече циркус.
„Морав да дојдам бидејќи не сакав да се противам на управата на затворот и на обезбедувањето. Еве и самите гледате дека не сум подготвен, дојдов облечен во тренерки, бидејќи, баш кога дојдоа да ме земат, правев склекови. Иако сум тука, нема да дозволам циркусот да продолжи, па затоа додека вие зборувате јас ќе пеам песни, рече Бошкоски на стартот на рочиштето, додавајќи дека судот може да го задржи во судница само ако го врзат со синџири.
Судијата, по обраќањето на Љубе, донесе одлука да го отстрани од судница, бидејќи го нарушувал редот и мирот. На излегување, Бошкоски му порача дека кога ќе му покажел кои се извршителите на двојното убиство, кога ќе ги види макар и на слика, тогаш ќе присуствува на судењето.
„Додека ги игнорирате законите и Уставот, јас одбивам да присуствувам на овој циркус, додаде Бошкоски, кој остатокот од времето го помина во судскиот ходник.
Тој се налути бидејќи судот и обвинителството не ги провериле сознанијата, кои тој ги сподели на едно од рочиштата, односно дека обвинетиот Предраг Чубрило е починат, а дека останатите двајца српски државјани, пак, воопшто не биле во државата кога се случило двојното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев. Според информациите на Бошкоски, едниот бил во затвор, а другиот во држава на друг континент.
Од судот, пак, се правдаа дека добиле информација од Интерпол, дека не можат да им влезат во трага на српските државјани.
На денешното рочиште судот одби повторно да ги сослуша сите сведоци, иако одбраната инсистираше, бидејќи има промена во судечкиот совет, откако случајот од Апелација беше вратен на почеток . Сепак, судот го прифати барањето на одбраната за нови сведоци, односно во улога на сведоци ќе се појават четворицата претходно обвинети, против кои беше повлечено обвинението.
На наредното рочиште, закажано за во среда, судијата најави дека како доказ ќе се изведе и еден пиштол.