Партијата Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски и ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски испратија реакции на интервјуто на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков кој е обвинет во неколку случаи, а во интервјуто го критикува сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски.
-ВМРО-Народна партија смета дека како посебен и уникатен партиски субјект немаме ништо општо со оваа партиска гарнитура на ДПМНЕ па сходно на тоа препорачуваме Вашите криминални пресметки да си ги вршите внатре во партијата и помеѓу Вас.Особено зачудува фактот што вакви лаги и невистини ги изнесува човекот кој девет години организирал низа криминални активности за кои слушавме во прислушкуваните материјали или таканаречените „бомби“ па сметаме дека и во иднина се што ќе произнесе овој човек со сомнително минато е под знак прашалник, знаејќи како функционирал додека беше дел од власта на Никола Груевски, реагира ВМРО-Народна партија.
-Нашата реакција е со цел, во старт да се пресечат обидите да се минимизира победата на двоецот Георгиевски – Бошкоски, кои се синоним за очувување на вмровската идеја, и кои и во 2016-та, и на последните избори, ја поразија политиката која ја всадија токму тој со неговиот братучед, за кои има отворени серозни обвиненија за криминал и злоупотреба на функција. Како партија, со целосна одговорност, тврдиме дека претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, предводено од Груевски и Мијалков, ја уништија ВМРО-ДПМНЕ со нивните антидржавни дејствувања, се вели во реакцијата на Обединети за Македонија.
Мијалков ги споменува двајцата коментирајќи го последниот изборен резулат на ВМРО-ДПМНЕ.
-Реалноста гласи дека ова раководство на ВМРО ДПМНЕ го оствари најслабиот резултат во историјата. Од освоените 455.000 гласови на последните парламентарни избори во 2016 година, Христијан Мицкоски падна на 315.000 гласа. Само Љубчо Георгиевски бил полош од него во 2002 година, кога освои 300.000 гласови, а тогаш и тој и Љубе Бошковски беа на црната листа на САД, a позади себе имаа шверц на цигари, нафта,убиства и куп други афери, рече Мијалков во интервјуто за Плусинфо.