Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, кој со години наназад заедно со сопругата Виолета успешно ја менаџира семејната вила Лав во Бале, Хрватска, деновиве во родната куќа во Челопек ги угостил пензионерите од Општина Бале.
Тој ги отворил вратите на својот дом во Македонија за членовите на Здружение на пензионери Бале, кои неделава имале екскурзија низ Македонија и посетиле повеќе градови.
Освен што ги дочекал со богата трпеза со најразлични традиционални специјалитети, Бошкоски во својот дом донел и жива музика, а хрватските пензионери задоволни од гостопримството, објавија повеќе фотографии и видео снимки од дружбата.
-Ви благодарам драги мои пријатели од Бале кои дојдовте овде. Виолета и јас сметавме дека кога сте веќе во Македонија, а живеете во Бале, каде секој ден се гледаме, вака скромно да ве дочекаме во куќата, каде некогаш одамна сум роден јас.
Ви благодариме што сте овде – кажа Љубе наздравувајќи им на гостите.
Тие пак се заблагодарија што ги угостил, со познатата изрека – Дигнимо чаше, у здравје наше.
Бошкоски и неговата сопруга Виолета се доста популарни во приморското село Бале, во близина на Ровињ, каде од 1990 година функционира нивната вила Лав. Вилата важи за место каде се нуди традиционална храна, во одличен амбиент, а Виолета е главна во кујната.
Пред три месеци во Хрватска беше промовирана книга од тамошната новинарка и писателка Невена Микац, насловена ,,Хедонистички водич низ Истра – Бале – Вале”, а во неа се спомнува и Бошкоски, како еден од најпознатите угостители во Бале.
Објавени се неколку рецепти за гостите – хедонисти кои им доаѓале во вилата, а пишува и што јаделе и пиеле голем број на познати личности кои Бошкоски ги угостиле, како на пример Ерос Рамазоти, Северина, Горан Бреговиќ, Здравко Чолиќ, Аки Рахимовски и други.
Во периодот кога Љубе беше на издржување на затворска казна, неговата сопруга посветено се грижеше за функционирањето на вилата.
Вики Клинчарова