Сезонскиот грип ги наполни јавните здравствени установи во Кавадарци и Неготино, но и приватните клиники во општините. Голем број на пациенти со сува кашлица, болно грло, зарипнат глас, главоболка, а и покачена температура, деновиве побарале лекарска помош.
Како што информираат лекари од Итната медицинска помош од Неготино, вчера до пладне имале над 70 прегледи.
И во приватните клиники во градовите ходниците се преполни со пациенти.
-Вака не беше дури ниту во најголемиот ек на панедмијата со корона вирус. Многу инфицирани имаме, симптомите се тие, иритирачка кашлица, болно грло, силни главоболки, воспалени синуси или уво… Пациенти се жалат и на повраќање и дијареа, вирусот буквално ги легна во кревет – раскажуваат здравствени работници за ,,Фокус”.
Заморот исто така е еден од симптомите на кој се пожалиле сите болни.
Грипот е заразна респираторна болест, која кај болните може да трае од неколку дена, па се до неколку недели.
Медицинарите препорачуваат да се носи заштитна маска во затворени простории и избегнување на близок контакт со болните, бидејќи вирусот лесно се пренесува.
Моментално циркулираат четири вируси, вели д-р Антоан Паракеов од кавадаречката брза помош.
-Најзастапен е грипот, кој зема замав, имаме респираторен вирус со тешка кашлица, адено вирус пропратен со стомачни тегоби, како и корона вирус. Населението повеќе не се тестира масовно за ковид, бидејќи симптомите на омикрон се благи, но да, присутен е и ковидот.
За време на празниците имавме по околу сто прегледи дневно во амбулантата. Од вирусите најмногу се погодени децата и постарите, но генерално, целото население е на удар – ни изјави д-р Паракеов.
Вики Клинчарова