Стотици лозари од Кавадарци и Неготино кои со часови протестираат пред винарската визба „Тиквеш“ поради ниските откупни цени и прекинатиот откуп, очекуваат министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа да се појави пред нив. Инсистираат да се сретне со лозарите да се најде решение оти грозјето скапува, а многу од нив цел ден чекаат со тракторските приколки.
Со лозарите е и градоначалникот Митко Јанчев кој исто така вели дека нема да си одат додека не се реши проблемот. Во телефонски разговор за „Фокус“ Хоџа изјави дека нема да дојде на средба со лозарите, ја разбира нивната огорченост, но им порача да се смират.
Вели дека „Тиквеш“ во наредните два дена нема да врши откуп на грозје, но бил во постојана комуникација со другите винарии кои од утре ќе откупуваат грозје по цените кои ги објави првично „Тиквеш“. Лозарите не се задоволни од развојот на ситуацијата, порачаа дека нема да си одат додека не се обезбеди непречен тек на откупот по првично истаканатите цени и најавија дека ќе ги блокираат сите патишта околу Кавадарци.
Вики Клинчарова