Лозарите од Неготино и Кавадарци, кои на празникот 11-ти Октомври протестираа и го блокираа регионалниот пат Кавадарци – Неготино, се сретнале со министерот на МЗШВ Љупчо Николовски и постигнале договор.
Првично, тие бараа по пет денари субвенција за секој предаден килограм грозје, да нема зголемување на цената на водарината и враќање на старите цени на субвенција по површина.
Како што истакна министерот за „Фокус“, по долг разговор со лозарите, постигнале договор.
-Субвенција од пет денари за предаден килограм грозје одлучивме да нема, бидејќи сите знаеме дека годинава поради временските услови голем број на лозари имаа значително намален род. Поради тоа, оние кои не набрале доволно грозје, значи дека не ќе можат да добијат солидна сума со таа помош од пет денари за килограм, а поентата е да им се помогне на сите исто.
Се уште се прецизираат детали, ставен е акцентот на мерката за помош според површина со лозов насад, а исто така цената за водарина останува иста, нема да има покачување. Ќе се прават проценки и на трошоците кои ги имаат лозарите, се со цел сите страни да бидат задоволни– појасни Николовски.
Лозарите кои протстираа и го блокираа регионалниот пат за време на празникот, порачаа дека мора да се стави ред во лозарството, кога се откупните цени во прашање, бидејќи секоја година во време на берба излегуваат на површина децениските проблеми. Ги посочуваат ниските откупни цени како причина поради која се повеќе лозари се откажале од долгогодишната традиција – лозарство, а актулените глобални поскапувања само уште повеќе им ја влошиле состојбата.
Вики Клинчарова