До 15-ти јули лозарите требаше да ја добијат гарантираната производна цена на винското грозје. Уште лани, од Министерството за земјоделство истакнаа дека се работи на нов закон, со цел лозарите што е можно порано да добијат цени за грозјето, а не како во минатото, да се чека време на берба, па тогаш да се истакнуваат цените.
Според новиот Закон за вино кој се донесе годинава, за првпат се утврдува гарантирана производната цена на винско грозје по килограм, најдоцна до 15-ти јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти.
Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, согласно дадена методологија, се предвидува да ја врши високо образовна или научна институција од областа во земјоделството.
Но, иако денес е веќе први август, лозарите се уште не ги знаат откупните цени на грозјето, а посочуваат дека поради големите жештини, годинава бербата ќе започне порано од минатата година.
На страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пак, на 17-ти јули е објавен јавен конкурс за пресметка на трошоци за производство на килограм грозје, која според Законот за вино ја врши високо образовна или научна институција од областа во земоделството.
Јавниот конкурс, чиј нарачател е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, трае 15 дена од датумот на неговата објава.
Истовремено, на социјалните мрежи се споделува ценовник за откуп на грозје за берба 2024, со датум 17.07.2024 година, од винарската визба Тиквеш. Ценовникот е со печат од винаријата, а истакнатите цени наидоа на револт кај лозарите.
Имено, според ценовникот, за кој се уште нема информација дали е официјален, килограм смедеревка ќе се откупува по цена од 16,5 денари, а вранецот по 19 денари за килограм.
Истакнати се и цени за останати сорти на грозје, од кои највисоката е 30 денари за темјаника. Наведено е дека за берба во гајби, цената е плус пет денари.
На социјалните мрежи посветени на Тиквешијата, лозарите реагираат дека ако тоа се гарантираните цени годинава, подобро ќе им биде да ги ископачат лозјата. Актуелни се поплаките дека работат со загуба со години наназад, и дека ако не се превземе ништо, лозарството полека, но сигурно ќе изумре во овој крај.
Вики Клинчарова