Лозарите до Панчо Минов: Не ни кажувај прикаски!

by fokus

Пратеникот Панчо Минов вчера во Домот на култура во Кавадарци одржа трибина посветена на лозарите и на нивните актуелни проблеми. Но за време на трибината, на која присуствуваа околу педесеттина лозари, Минов доживеа дебакл.

Револтирани од катастрофалната состојба во лозарството, која е присутна веќе со години, лозарите му порачаа на пратеникот и поранешен градоначалник на Кавадарци да се засрами и да престане да манипулира со граѓаните.

„Лани на власт беше вашата коалиција на чело со ВМРО-ДПМНЕ. Ако толку се грижевте за лозарите, немаше лани да не оставите на цедило“ – му дофрли еден од присутните лозари.

Исто така, присутните лозари ја обвинија винската мафија за блокираните сметки на визбите „Повардарие“ и „Петра“ но и поранешниот премиер Груевски, бидејќи според нив, тој ги држел лозарите во неизвесност, за да добие глас пред избори.

„Господине Минов, во кое својство сте дојдени вие денес овде? Како власт или опозиција? Бидејќи министерот за земјоделие Љупчо Николовски веќе најави дека Владата издејствувала исплата на целото грозје од реколтата 2015-та и 2016-та, како и субвенциите за земјоделците, а вие се обидувате тоа да го претставите како ваша заслуга. Зошто лани кога бевте на власт не се изборивте за ова? Немојте да ни кажувате сега тука прикаски“ – го праша еден од лозарите.

„Како не се срамите тука на лозарите да им кажувате за грозјето, кога седите на иста клупа со криминалци. Како да ви веруваме вас кога седите рамо до рамо со пратеници од ДПМНЕ кои се под обвиненија од СЈО, и како да ви веруваат лозарите кога пред некоја година како советник во општина Кавадарци на советниците од ДПМНЕ им се заканивте со ревашизам до трето колено?“- беше уште едно од низата непријатни прашања до Минов.

Изненаден од отворените обвинувања од лозарите, кои покрај останатото го обвинија и дека собира политички поени во пресрет на локалните избори, пратеникот обвини дека се работи за политички напад против него.

Панчо Минов два пати беше градоначалник на Кавадарци, два пати пратеник во Собранието на РМ, и еден мандат советник. Членуваше и коалицираше со ЛП, СДСМ, ГРОМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Токму поради неговото често менување на политички партии, кога лани за краток период изгуби околу 30 килограми, кавадарчани на шега коментираа дека ослабел од премногу трчање од една партија до друга. Тој тогаш ни изјави дека слабеењето се должело на специјална диета, пешачење и утринска гимнастика.

Вики Клинчарова

Поврзани новости