Премиерот Зоран Заев не си ја донесе од дома црвената простирка по која чекореа тој и останатите гости, вчера на традиционалното закројување на виновата лоза во винаријата Домеин Лепово – тврдат лозари од Кавадарци, кои биле присутни како гости на настанот, околу кој се крена врева во медиумите и на социјалните мрежи.
Додаваат дека цела ноќ пред закројувањето во Неготино врнеше, а дождот паѓаше и во раните утрински часови. Нормално дека поради калта, ако не црвен тепих, ќе се постелело било што друго, за да не газат во кал гостите – тврдат тие.
Имено, Откако во јавноста се појавија фотографии на кои се гледа како премиерот стои на црвена простирка за време на закројувањето, веднаш започнаа коментарите дека на лозје не се оди по црвен тепих.
Лозари кои биле очевидци на настанот велат дека непотребно се вперува прст кон Заев, кој бил само еден од многубројните гости.
Инаку, винаријата Домеин Лепово е отоврена во 2013 година, како бутик – винарница за производство на ексклузивно вино, во близина на Неготино, во склоп на ВВ Тиквеш.
Вики Клинчарова