Триесет години цената на грозјето е иста, непроменета, а винариите се најголемите уништувачи на лозарството, се пожалија производителите во вечерашната „24 Анализа“ на која учествуваше и министерот за земјоделство Трајан Димковски.
Според лозарите, цената на грозјето е осум до девет денари, а и голем дел од родот е уништен зашто кога почна бербата, периодот беше сушен. Побараа државата тоа да го земе предвид и да прогласи елементарна непогода, како и да ги обесштети. Исто така, укажаа дека Инспекторатот за земјоделство мора да има свои претставници на откупните пунктови за да нема малверзации.
-Жално и срамно е килограм грозје да биде осум, девет денари. Еднаш мора да се стави крај на ова. Само грозјето остана девет денари, како пред 30 години. Триесет години цената не е покачена. Најниската цена треба да е 12 денари или никој нека не го зема. Грозјето не е пченица да стои. Брзо ферментира и потоа само може да се фрли, никој не го купува. Му рековме на министерот да ја задржиме ланската цена од 11 – 12 денари бидејќи годината не ни е наклонета, а цената наместо да оди нагоре, падна, на „смедеревка“ осум денари. Пред бербата одржавме состанок. Предочивме дека мора да има инспектори на секој пункт, а сега немаше. И во цента и во мерењето сме оштетени, рече Златко Стојчев, лозар од Кавадарци.
Министерот Димковски повтори дека се предвидени два денара поддршка за четири сорти горзје, за разлика од лани кога беа обезбедени по еден денар само за „вранец“ и „смедеревка“, како и дека оваа дополнителна субвенција е договорена заедно со лозарите. Според него, кога лозарите зборуваат за цената, треба да бидат чесни и да се осврнат и на квалитетот.
-Зборувате само за цената, но не кажувате каков е квалитетот. Има грозје и од девет и од 29 денари. Кога зборуваме за просечна цена, тогаш таа е минимум 15 – 17 денари ако се земе предвид редовната субвенција, плус дополнителната интервентна мерка, напомена министерот и дополни дека кога се интервенира во земјоделството, многу е битно да не се наруши пазарот.