Лозано порача дека доаѓа од Македонија, иселениците од Канада веднаш му ветија дека ќе го поканат да им пее!

by Fokus

Поп пејачот Влатко Лозаноски – Лозано вчера ја доби наградата за најдобра поп – фолк нумера на регионалната манифестација МАЦ, во Штарк Арена во Белград, соседна Србија.

Неговата песна ,,Мајко” беше избрана во конкуренција од повеќе нумери од познати балкански пејачи, а откако водителите го најавија како музичар од Северна Македонија, тој на сцената ги поправи.

-Морам само да го поправам водителот, тоа е Македонија, не со тој додаток кој што го кажа пред малку – изјави Лозано, додека се заблагодаруваше за наградата. Набргу потоа видеото опишано како „Лозано во одбрана на Македонија“, започна да се споделува на социјалните мрежи, а претседателот на Светски Македонски Конгрес – Канада, Bobby Temelkov, веднаш јавно му вети на Лозано дека ќе го поканат да запее пред иселениците во Канада.

-Било во која ситуација, каде и да сме, секогаш кога ќе ја асоцираат срамната насилно донесена придавка С… ние Македонците треба да станеме и силно да извикаме – Ние сме Македонци! Браво за Влатко, кого наскоро ќе го поканиме да ни гостува во Канада – порача Темелков.

Пред две години, кога низ повеќе градови во земјава Владата организираше забави на плоштадите по повод поканата за прием на Македонија во НАТО, Лозано го откажа својот настап во Охрид. Тогаш изјави дека според него музиката треба да ја спои, а не да ја раздели публиката. И тогаш од страна на иселениците доби силна поддршка. По повод настанот, од дијаспората најавија дека доколку Владата поднесе тужба против пејачот поради откажаниот настап за кој веќе потпишал договор, е спремна да му ги покрие сите судски трошоци.

Вики Клинчарова

Поврзани новости