Поп пејачот Влатко Лозановски – Лозано синоќа запеа во Пустец. Со неговиот концерт започна единаесеттото издание на Македонско културно лето 2018, кое е во организација на Здружението на македонците со албанско потекло ,,Сонце’’ од Скопје.
Тој се најде во центарот на вниманието на јавноста кога пред околу две недели го откажа настапот на забавата во Охрид која ја организираше Владата, по повод поканата за прием на Македонија во ЕУ и НАТО.
Тогаш тој изјави дека не настапил бидејќи увидел дека ситуацијата ескалирала и како со музиката сака да ја спои, а не да ја раздели публиката. Набргу потоа од дијаспората најавија дека доколку Владата поднесе тужба против пејачот поради откажаниот настап за кој веќе потпишал договор, е спремна да му ги покрие сите судски трошоци.
Покрај Лозано, на отворањето во Пустец, Албанија, настапи и Димитар Андоновски, а гостуваше и Театарот за деца и младинци со претставата „Црвенкапа’’.
Фестивалот продолжува и деновиве, ќе бидат изведени повеќе претстави на театри од Струмица, Кавадарци и Велес, а во сабота ќе се одржи Македонска игранка.
Затворањето е предвидено во недела, со театарската претстава ,,Вдовицата се мажи’’.
Покрај поддршката од Министерството за култура на Република Македонија, Град Скопје и од спонзори, фестивалот годинава бил поддржан и од Министерството за култура на Албанија.
Директор на истиот е Едмонд Сотир, а главен покровител и партнер на Македонско културно лето 2018 е Обединетата македонска дијаспора.
Вики Клинчарова