Повеќе од 150 кафеави мечки беа убиени во првите денови од годишниот лов на овие животни во Шведска. Заштитниците на природата го осудуваат ваквото масовно убивање, предупредувајќи на загрозеност на скандинавската популација кафеави мечки.
Шведската влада издаде 486 дозволи за убивање мечки во овогодинешниот лов, што е еквивалентно на една петтина од преостанатата популација на кафеави мечки. Минатата година е забележан рекорден одстрел со 722 убиени мечки, пренесува rts.rs.
Според шведската агенција за заштита на животната средина, до четвртокот попладне, кој бил вториот ден од ловот, веќе биле убиени 152 мечки.
Ловот стана фокус на зголемени контроверзии во оваа скандинавска земја, а оваа година, за првпат, полицијата ги следеше ловците во пресрет на локалните протести.
Магнус Оребрант, претседател на шведското здружение на месојади, група за заштита на дивиот свет, рече дека современите методи на лов го прават убивањето мечки исклучително лесно, што може да се спореди со „чист масакр“.
Полицајците патролираат пешки по шумите и ја следат ситуацијата со помош на дронови за да обезбедат „мирен напредок на ловците“ по тензиите во јавноста и можните протести поради зголемениот број дозволи за лов на мечки.
„Почувствувавме дека е неопходно ловците да бидат безбедни и да ја завршат својата работа за време на овогодинешниот лов на мечки“, рече Јоаким Лундквист, полицаец и координатор за дивиот свет за северна Шведска, додавајќи дека се решиле на таков чекор по појавувањето на демонстрантите поради ловот на рисови и волци, на почетокот на оваа година.