Ловџиите ќе може да го продаваат месото од дивеч, така ќе се намали увозот од 60 тони

by Фокус

Новиот правилник за флексибилност подготвен од Агенцијата за храна и ветеринарство овозможува под одредени услови месото од дивечот да се пушта во промет, рече министерот за земјоделство Трајан Димковски на денешната средба со концесионери на ловишта.

– Податоците покажуваат дека околу 60 тони месо од дивеч се увезува. Очекуваме дека за два до три месеци концесионерите ќе ги подготват нивните кланици и на тој начин домашниот пазар ќе може да се снабдува со месо од дивеч од нашите ловишта. Оваа стопанска гранка има голем потенцијал за развој, ние како држава имаме услови, и затоа како ресорно министерство во следниот период ќе работиме на мерки за поддршка на ловството коешто е важно и за развој на ловниот туризам и воопшто за руралниот развој – рече Димковски.

Тој додаде дека се разгледува опцијата преку програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, да се овозможи финансиска поддршка за ловството, со што ќе се поттикне развојот бидејќи концесионерите вложуваат сериозни инвестиции во ловиштата.

Поврзани новости