Лов по пратеници пред седницата за недоверба

Додека опозицијата тврди дека дошла до 62 пратеници, власта вели дека ги спуштиле на 59.

by Фокус

Во собранието денес се водат интензивни преговори во пресрет на утрешната седница за доверба на владата, дознава Фокус од собраниски извори.

Според нив, и власта и опозицијата водат преговори со пратеници за зачувување на парламентарното мнозинство, односно за формирање на ново.

-Има многу координации. И тоа што важи сега не важи за подоцна, и обратно – вели пратеник од опозициската коалиција.

Во меѓувреме, претставници на опозицијата тврдат дека не само што го сочувале постоечкото мнозинство од 61 пратеник, туку го придобиле и 62-от пратеник.

Досега, скоро сите коалициски партнери во власта освен Беса, која се приклучи на новото мнозинство, му изразија лојалност на СДСМ.

Во таа насока, со такви пораки во јавноста излегоа Тито Петковски, Горан Милевски, Павле Трајанов, но немало јавно изнесен став од Љубчо Георгиевски.

„Не е време за промени, такви се пораките од меѓународната заедница, но и така би било исправно да се постапи согласно државниот интерес“ – ни изјавија од неговата ВМРО-НП.

Од редовите на НП, пратеник во парламентот е партискиот генерален секретар Љупчо Балковски, од кој не успеавме да добиеме став во текот на денешниот ден.

Инаку, лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера доби овластување да води преговори за проширување на парламентарното мнозинство.

Како што неофицијално велат од неговата партија, успеале да придобијат двајца пратеници, што, според овие тврдења, новопромовираното парламентарно мнозинство од 61 би се спуштило на 59 пратеници.

-Станува збор за двајца пратеници од албанските партии што се потпишаа на иницијативата за промени – вели нашиот извор.

В.С.

 

Поврзани новости