Лоциран урнатиот хеликоптер во Италија, сите седум патници загинати

by Fokus

Сите седум патници во хеликоптерот што се урна на Апенините, во северна Италија, се загинати, соопштија синоќа локалните власти.

Претходно, гувернерот на регионот Тоскана, Еугенио Џани изјави дека пет лица загинале, а двајца патници се уште се водат како исчезнати.

Спасувачите го пронајдоа исчезнатиот хеликоптер на границата меѓу регионите Емилија Ромања и Тоскана по околу два дена потрага, јави агенцијата ДПА. Добиле пријава од планинар кој забележал делови од хеликоптерот.

„Ги имавме координатите и летавме до местото на несреќата – се беше изгорено“, соопшти војник во видео објавено од армијата на Твитер.

Остатоците од леталото биле на тешко достапно подрачје и спасувачите морале да одат до него, додаде војникот.

Хеликоптерот полетал од тосканскиот град Лука во четвртокот кон северниот италијански град Тревизо.

Исчезнал од радарот над ридесто и шумовито подрачје, каде што бил зафатен од лошо време.

Во хеликоптерот имало седум лица, меѓу кои четворица биле турски претприемачи од компанијата Eczacibasi, а се враќале од саем одржан во Италија, се наведува во соопштението на компанијата.

Покрај пилотот Италијанец, останатите двајца патници во хеликоптерот биле либански државјани, наведе либанската државна агенција NNA.

Поврзани новости