Популарниот актер и шоумен Игор Џамбазов и легендарниот поп пејач Ѓоко Ѓорчев деновиве се дружеа во Дојран, каде сосема случајно се сретнале по повеќе од две години.
Поради лоши случувања не успеале да се видат долг период, па на случајната средба покрај езерото и двајцата многу се израдувале.
Како што раскажува Ѓорчев за ,,Фокус”, со Игор се познавале со децении. Пред да започне пандемијата со корона вирус, се договориле Џамбазов да му биде гостин на концертот кој требаше да се одржи во Дом на АРМ, но настанот беше откажан поради случувањата со вирусот.
-Ме радува кога убави работи ќе се случат така, непланирано. Сосема случајно налетавме еден на друг со Игор во Дојран, нашиот бисер на природата каде јас сум чест гостин, а исто и тој ужива во убавините на езерото.
Ова беше убава средба и дружба на стари пријатели, по сите лоши работи кои ни се случија изминатиот период. Игор го изгуби својот татко, маестро Александар Џамбазов, јас се борев со корона вирусот, тешко го поминав…
Ги вративме спомените на минатото, имаме непресушен муабет, и ова е тоа, како што се вели, кога по секое лошо доаѓа добро. Кога по време минато со лоши работи, на крај пријателствата продолжуваат, животот продолжува! – вели музичарот.
Раскажува дека го пробале прочуениот дојрански сом, вината на неготинската винарија Бовин, на муабетот му немало крај. Веќе договориле и соработка на професионално поле, па Игор ќе гостувал на предвидените концерти на Ѓорчев, а пак тој со задоволство се согласил исто така да му гостува на Игор на негов настап пред публика.
-За жал, со Илина, партнерката на Игор на се видовме бидејќи таа е во странство, на алпинистички подвиг, но со него се изнаприкажавме многу. Во тоа е убавината на животот, во старите пријателства кои траат, во луѓето со кои можеш искрено да разговараш. И двајцата знаеме дека Дојран е нашето богатство, дека таа природа треба да се цени, затоа и ни е омилена дестинација. Веќе се вратив дома, во Неготино, а средбата со Игор многу ме орасположи. Само за убави нешта да се гледаме, и да ги негуваме искрените пријателства – ни изјави Ѓорчев.
Вики Клинчарова