Изгласувањето недоверба доаѓа во време кога бугарската влада постигна резултати во борбата против корупцијата и ја прекинува зависноста од руските енергетски извори, изјави за бТБ бугарскиот министер за иновации и развој, Даниел Лорер.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Лорер посочи дека се надева дека пратениците од Националното собрание кои го формираа владејачкото мнозинство при составувањето на владата ќе сфатат дали сакаат промените да продолжат и да гласаат според тоа, а не според нивната партиска припадност.
Даниел Лорер ја отфрли можноста за преговори со опозициските партии ГЕРБ и Движењето за права и слободи, додека двете партии се предводени од нивните актуелни лидери.
– Доколку бугарската влада не го преживее гласањето за недоверба и се постигнат преговори за нова влада со мандат на „Продолжуваме со промената“, нивната партија нема да инсистира Кирил Петков повторно да биде бугарски премиер. Кога ќе дојде време за коалициски преговори сите објави ќе бидат на масата, истакна Лорер.