Согласно девизата „секој за себе“, Словенија и Хрватска беа за брзо осамостојување, рамно на сецесија; Србија и Црна Гора беа за унитаризам, рамно на доминација на српската нација; Македонија и Босна и Херцеговина беа за сојуз на суверени држави. Првиот и вториот став водеа кон етнички војни, нашиот кон мир, зачувување на економската целина на пазарот од дваесет плус милиони и соработка меѓу идните суверени држави на сите нивоа.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Лоренс Иглбергер, единствениот дипломат од кариера што дотуркал до државен секретар на САД, додавката „од Македонија“ ја добил во 1963 година.
Тогаш, имено, младиот триесет и тригодишен секретар на американската амбасада во Белград ја координира помошта на неговата земја за настраданите во земјотресот во Скопје. Роден во 1930 година, во Висконсин, Медисон, Иглбергер дипломира и магистрира на тамошниот универзитет.
Во 1957 година ѝ се придружува на дипломатската служба на САД и служи во повеќе американски амбасади и конзулати во светот. Од 1961 до 1965 година е дел од стафот на американската амбасада во Белград, Југославија. Во 1969 година станува помошник на советникот за национална базбедност, Хенри Кисинџер, во администрацијата на претседателот Ричард Никсон.
Во 1971 година заминува во американската мисија при НАТО во Брисел, за подоцна да му се придружи на Кисинџер, кога тој станува државен секретар. Во Стејт департментот, Лоренс Иглбергер зазема бројни функции.
Претседателот Џими Картер го именува за амбасадор во Југославија каде што останува од 1977 до 1980 година. Во 1982 година, претседателот Реган го именува на третата позиција во Стејт департментот – потсекретар за политички работи, а во 1989 година, претседателот Џорџ Буш го именува за заменик државен секретар.
Тоа што малку се знае во нашата јавност е дека Лоренс Иглбергер станува главниот советник на претседателот Буш за прашања врзани за кризата во Југославија.
ЧЕСНОСТА Е НАЈДОБРА ПОЛИТИКА
Мојата прва средба со Иглбергер, тогаш заменик државен секретар беше на самиот почеток на југословенската криза, во август 1991 година во Стејт департментот. Отидов во Торонто на прослава на македонските иселеници, а Џон Битов, наш иселеник и бизнисмен, преку свои контакти ја организира мојата прва средба со Лоренс Иглбергер.
Во таа 1991 година, на сечиј ум беше како да се спречи војната и со политички средства да се реши кризата во Југославија. Одејќи на состанок кај Иглбергер, се изненадив кога во холот на Стејт департментот ми пријде еден блед, нерасположен човек, кој љубезно се поздрави со мене.
Тоа беше југословенскиот амбасадор во Вашингтон. Праша дали може да учествува на средбата. Иглбергер, ми рекоа Американците, порачал јас да одлучам дали на разговорот треба да присуствува и амбасадорот или не.
Само за момент се замислив. Се прашав кој ли го информирал амбасадорот за состанокот, но тој стоеше тука пред мене и чекаше одговор. „Повелете амбасадоре, му се обратив, дојдете со мене“.
Моите намери кон другите народи на Југославија беа целосно искрени. Таква беше и политиката што ја водеше Македонија. Тоа што го зборував јавно, го зборував и приватно. Тоа што им го кажував на странците, им го кажував и на претставниците на другите југословенски републики, кои сè уште не беа странци. Истото ѝ го кажував на домашната јавност.
Сè уште мислам дека за мала држава, чесноста е најдобрата политика, оти тешко неа ако ја фатат во лага. Притоа, Конференцијата за Југославија почнуваше, а градењето заемна доверба го сметав како важен елемент од кој ќе зависи идната соработка меѓу некогашните југословенски републики.
„Верижен пушач“, како што во Америка ги нарекуваат тие што палат цигара од цигара, Иглбергер ми понуди да запалам. Му се заблагодарувам со зборовите дека одамна сум престанал да пушам.
Го интересираат моите погледи врз кризата во Југославија. Во следните четириесетина минути зборувам главно јас, со повремени интервенции на Иглбергер, во форма на прашања.
Амбасадорот на Југославија се беше изгубил од мојот видокруг, претпоставувам за да може послободно да води белешки за разговорот, кои ќе ги испрати во Белград. Но, немаше што да криеме.
Согласно девизата „секој за себе“, Словенија и Хрватска беа за брзо осамостојување, рамно на сецесија; Србија и Црна Гора беа за унитаризам, рамно на доминација на српската нација; Македонија и Босна и Херцеговина беа за сојуз на суверени држави.
Првиот и вториот став водеа кон етнички војни, нашиот кон мир, зачувување на економската целина на пазарот од дваесет плус милиони и соработка меѓу идните суверени држави на сите нивоа. Нашата позиција ја образложив како на Конференцијата за Југославија, која почнуваше, така и на сите средби, биле официјални, или приватни.
ЛАБАВА АСОЦИЈАЦИЈА НА ДРЖАВИ
На состанокот со Лоренс Иглбергер, во неговата канцеларија во Стејт департментот укажувам на опасностите од унитаризам, но и од едностраните сецесии, кои сигурно ќе нè одведат во војни.
Му ја објаснувам ситуацијата што настана со демократизацијата на политичкиот систем на Југославија и нужноста центарот во Белград да попушти во насока на создавање на некаква лабава асоцијација на суверени држави.
Зборувам за важноста сите да се задржат на конференциската маса до целосно решение на југословенската криза, за важноста да се сочува економската целина на просторот на некогашна Југославија, за важноста на мирен начин да ги разрешиме проблемите, со цел да не потонеме во меѓуетнички војни.
Во текот на разговорот, Иглбергер беше жовијален и непосреден, а такви беа и неговите пријателски интервенции. Во таквата атмосфера, не најде ни збор забелешка на тоа што го кажував, напротив.
Тогаш имав впечаток, а денес сум сигурен дека моите зборови му беа потврда и на неговата формулација на американската политика кон Југославија. Се сеќавам дека на крајот рече: „Се согласувам со тоа што го рековте“.
Го велам ова за да разбијам еден стереотип: дека големите сили секогаш имаат сè испланирано и дека настаните се одвиваат строго според нивниот однапред подготвен план. Искуството ме научи дека во моменти на сериозни кризи, тие што ја формулираат политиката на големите сили се и самите полни со дилеми.
Нема готови решенија од некоја тајна просторија во која умни и влијателни поединци прецизно го предвидуваат и го контролираат текот на настаните. Се разбира, тие од своите политички и научни институции добиваат информации и прогнози, но не и готови решенија како замена за одлуките што треба самите да ги донесат.
Посетата на Стејт департментот ја продолжив со госпоѓа задолжена за Балканот и нејзините соработници. Во добро расположение поминаа и тие средби на кои љубопитните американски соговорници за првпат среќаваа претставник на новата балканска држава – Македонија, која ги правеше првите чекори на меѓународната сцена.
На крајот, во знак на благодарност, на рака ми дадоа некаква коцка од црн оникс или пластика со грбот на Соединетите Американски Држави. Веројатно сакаа да ме импресионираат со грбот на Америка, кој блескаше под црниот оникс, верувајќи дека нема да ја решам загатката.
Речиси сум убеден дека тоа беше држач за хартии земен, на брзина, од нивните бироа, кој и денес стои на работната маса на моето поткровје во Скопје.
„РАМО ЗА ПЛАЧЕЊЕ“
Во месеците што следеа, Лоренс Иглбергер стана нашето „рамо за плачење“. Америка и натаму сметаше дека кризата во Југославија е европски проблем, а ставовите на Иглбергер во светскиот печат често беа оценувани како контроверзни, додека неговите заложби да се сочува некаква форма на интеграција, беа погрешно интерпретирани како одбрана на српските позиции.
Во секој случај, воспоставена беше врската со „нашиот човек во Вашингтон“. Тоа беше уште една лекција од праксата на меѓународната политика – дека е многу важно да имаш пријатели.
Се разбира, следната лекција беше дека, сепак, интересите на државите се пресудни. Праксата редовно да го информирам Иглбергер за состојбите околу Македонија продолжи и во месеците на сериозни неизвесности за опстанокот на Македонија.
Во текот на 1992 година, покрај телефонските повици до неговата канцеларија да ни помогне да се вразумат Грците да престанат со економските блокади, му испраќав информации за поважните потези на нашата надворешна политика.
Во моите белешки гледам дека на 24 април, во својство на МНР, му испраќам информација за разговорите со Пињеиро и неуспехот на неговата мисија, заедно со барање американска поддршка за членство во КЕБС; на 4 мај, со мое пропратно писмо, му ја испраќам изјавата на претседателот Глигоров по повод декларацијата на Советот на министрите на ЕЗ во Гимараеш; на 22 јуни, му ја испраќам владината одлука за почитување на Резолуцијата 737 на Советот за безбедност на ОН; на 27 јуни, со пропратно писмо, му ја испраќам изјавата на претседателот Глигоров по повод Лисабонската декларација на Европскиот совет; на 16 септември му испраќам писмо со кое го известувам за грчкото ембарго…
Писмото што му го праќам во врска со поведението на Грција кон нас е драматично, впрочем каква што беше и нашата ситуација. Во него, на Лоренс Иглбергер му пишувам:
(Продолжува)