„Лопатијада“

by Фокус

Ни треба „ЛОПАТИЈАДА“! Да засукаме ракави, лопатите в раце и да го спастриме овој растур од држава, оваа погнасена територија што се вика Република Северна Македонија. Таква беше и кога се викаше само Република, без „Северна“.  А замислете си што би правеле нашиве тридецениски политиканти да беше Македонија наша цела, и тоа од сите три дела. Па, не ќе можеа да ја доодат, а камоли да ја средат.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Ете и питијадата во Велес помина… Помина и пастрмајлијадата во Штип… помина и ајваријадата во Струмица… И „Пиво фест“ во Прилеп помина. Народ, лапачка, музика, расположение… и доста ни е за да бидеме среќни и задоволни од самите себе, од нашите рекорди и достигнувања во подготовката на најголемата пита, кора, комат… што и да е.

Новокомпонирани традиции од само неколку години на коишто ечи турбо-фолк и каде што главни на сцената се подизгаснати ѕвезди од некогашните ЈУ-простори. И после ќе речат: „Ти си против македонскиот народ“!

Скраја да е. Националната самосвест, кој не знае, е многу подлабоко и поразгрането чувство од површниот политикантски национализам кој во очите на другиот ја гледа и раската, а во своите очи не ја забележува ни бандерата. Самокритика ни фали, мој народе македонски!!!

ДА ЗАСУКАМЕ РАКАВИ

Ни треба „ЛОПАТИЈАДА“! Да засукаме ракави, лопатите в раце и да го спастриме овој растур од држава, оваа погнасена територија што се вика Република Северна Македонија. Таква беше и кога се викаше само Република, без „Северна“.

А замислете си што би правеле нашиве тридецениски политиканти да беше Македонија наша цела, и тоа од сите три дела. Па, не ќе можеа да ја доодат, а камоли да ја средат.

Еден друм, малку проширен, што ни остана од времето на „братството и единството“ не врши работа, а по тесните патишта, речиси како козји „врвици“, каква што е нашата патна мрежа живееме како да сме некаде на почетокот на 20 век.

Можеби тоа време било такво, тешко и мачно. Но, имало домаќинлак. Се одело со стомните по вода до сред село или до најблиската градска чешма. Се перело, се чистело, се миело…

Баба ми раскажуваше како и во турско и во српско време по градовите имало граѓанска дисциплина. Додуша принудна. Џандарот ќе поминел по улицата и ако пред куќа не е заметено или ако браздата во твојот дел не е исчистена, следува тешка глоба.

Тогаш имало држава, туѓа, не наша, која повеќе се грижела за хигиената во населените места отколку денес нашиве многубројни градоначалници на кои највисока сатисфакција за нивната работа им е успешната и масовна организација на разните „пивтијади“…

А во Струмица, Гостивар, и не се знае каде сѐ на друго место, нема чиста вода за пиење.

ЌЕ СЕ НАСЕКИРАМЕ, ПА ЌЕ ЗАБОРАВИМЕ

Летово гореше Македонија. Шумски пожари беснееја на сите страни, додека дрвокрадците ги триеја рацете.

Наклон доземи за пожртвуваните пожарникари, кои покрај гаснењето на шумите, мораа да ги вадат и жешките костени од опожарените станбени згради во кои подрумите се пренатрупани со отпад од стар мебел, кутии, черги и партали или, пак, се претворени во разни магацини во кои, како во зградата во Чаир, се чувале запаливи материјали.

Семејствата од опожарените станови ни криви ни должни само што се доселиле и си се наместиле сега ќе мора одново да се куќат. Понекогаш се прашувам дали ние, граѓаните, не сме тие што сме „криви и должни“, зашто не отвораме очи, зашто од својот куќен праг не гледаме подалеку.

Но не! Државата е таа што треба да поттикне, да го анимира и да го организира граѓанството во една строга, непопустлива дисциплина, и тоа „што со мило, што со сила“! Ама со пустата корупција, не само онаа големата, тендерската, партиската, туку и онаа ситната, роднинската, комшиската, кумашинската… државата се рони.

Море, која среќа ја имавме ние што не нѐ поткачи и нас силното невреме што се истури врз делови од Балканов

Босна ја немаше таа среќа. Ја снајде тешка трагедија. Силните дождови, поплавите, одроните оставија пустош зад себе и однесоа десетици човечки животи. Без домови останаа илјадници луѓе. Тешко ним во овие студени ноќи, но и студени денови што доаѓаат.

И ние пред неколку години поминавме слична трагедија. Стајковци. 24 човечки животи заминаа. Страшна судбина за луѓето кои животниот пат го завршија во разбеснетите води. И не само за нив, туку и за нивните семејства.

Но времето лечи сѐ, така велат. Полека се заборава. За жал, се забораваат и одводните канали затрупани со шут, ѓубре и земја за кои тогаш многу се дебатираше.

И во Босна сега дискутираат и откриваат дека да биле проодни каналите не ќе дојдело до таква страшна трагедија. Тоа ти е балкански менталитет. Ќе се насекираме, ќе се испотресеме од некои несреќи − сообраќајки со двесте на час, моторџии побеснети, мафијашки пресметки, палење автомобили и вакви елементарни непогоди… аман, само да се подалеку од нас. И, пак, ура!!!

Еј, јас од сите „ијади“ преферирам да одам во Штип на пастрмајлијадата. Штипската пастрмајлија ептен ми е по ќеф!

Поврзани новости