Пред секоја делегација, наместо името на државата, беа имињата на претседателот и на министерот за надворешни работи. Можно ли е ваквиот аранжман за претставниците од „целиот свет“ да е издејствуван од Грција само за да не стои името „Македонија“? Секако. Грчкото влијание не можеше да се спореди со она на малата Македонија, нова држава во процес на меѓународно признавање.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Во јули 1992 година, ЕЗ и ОН ги обединуваат силите во решавањето на војните во Југославија. Советот за безбедност ја повика Конференцијата за Југославија да го инволвира новоизбраниот генерален секретар на ОН, Бутрос Гали, во преговорите со цел „…да се прошири и да се засили постоечката Конференција заради обезбедување нов моментум во потрага по договорно решение…“.
Од друга страна, и ЕЗ побара Гали да копретседава со заедничката конференција на ЕЗ и на ОН со претседателот на Советот на министрите на ЕЗ. Така настана Лондонската конференција, која се одржа од 26 до 28 август 1992 година.
Тоа што дотогаш беше Конференција на Европската заедница за Југославија се замени со собир наречен Меѓународна конференција за поранешна Југославија.
Новото тело за преговори ја задржа старата институционална структура на старата конференција, вклучувајќи ја и Арбитражната комисија.
Причината за свикување на Лондонската конференција треба да се бара во неможноста или во неспособноста на ЕЗ да ја реши кризата во Југославија и да им стави крај на војните што беснееја.
На конференцијата присуствуваа претседателите на шесте југословенски републики и премиерот на новосоздадената Сојузна Република Југославија.
Со Конференција копретседаваше Џон Мејџор, премиерот на Велика Британија во име на ЕЗ и Бутрос Гали, во име на ОН.
Беа присутни и министрите за надворешни работи на САД, Русија, Јапонија, Кина, Турција, Канада и Швајцарија, потоа министри за надворешни на непосредните соседи на поранешна Југославија, како и претставници на Европската комисија, КЕБС, Меѓународниот комитет на Црвен крст и Исламската конференција.
ПОЛИТИЧКИ ПАНАЃУР
Овој гломазен политички панаѓур беше следен од многубројни новинари и телевизиски екипи, кои ја беа опколиле зградата во која се одржуваше конференцијата во центарот на Лондон. Беа поставени импровизирани студија во кои претседателите и министрите за надворешни работи даваа изјави и интервјуа.
Главното внимание на новата конференција беше свртено кон војните во Босна. Откритијата за постоење логори, како и за страотите на монструозната пракса на етничко чистење изнесени во извештајот на Мазовјетски за КЕБС, прераснаа во повик за воена интервенција.
Веќе во септември, овој повик ќе резултира со резолуција на Европскиот парламент за употреба на сила против Србите во заштита на конвоите со хуманитарна помош.
Ситуацијата дополнително се комплицираше заради обновените судири меѓу Босанците и Хрватите, со што се прекршија претходните спогодби за соработка. Имено, повторно беше во игра поделбата на Босна меѓу Србија и Хрватска.
Во обид да се легитимира, Лондонската конференција усвои неколку документи. Во таканаречената Изјава на принципи се истакна политиката на непризнавање територијални промени што настанале по насилен пат, како и заложба за почитување на човековите права и на меѓународното хуманитарно право.
Во Изјавата се нагласува потребата од уставни гаранции за почитување на човековите права на етничките и националните заедници и малцинства. Промовирање толеранција и правото на самоопределување, согласно заложбите на претходната Конференција за Југославија, станува дел од Изјавата на принципи.
Рамо до рамо беа ставени уставните гаранции за малцинствата и за заедниците, но и нивното право на самоопределување, веројатно како почетна точка на идните преговори.
Во делот за гаранциите, Изјавата се повикува на „…неповредливост на границите во согласност со Повелбата на ОН, Финалниот акт на КЕБС и Париската повелба…“.
По одлуката на Арбитражната комисија, ние го толкувавме овој став како административните граници меѓу републиките, а со тоа и тие со Македонија, да се меѓународно признати граници на новите држави.
Во вториот документ се зборува за функциите на Лондонската конференција, како и нејзината Работна програма. Таму се истакнува дека Конференцијата ќе постои „… сѐ додека не се постигне финален договор за проблемите на поранешна Југославија…“.
Потоа се набројуваат функциите на Комитетот за насочување и на разните работни групи на Конференцијата. Со Комитетот за насочување, предвиде документот, ќе копретседаваат лордот Овен, во името на ЕЗ и Сајрус Венс, во името на ОН.
НА МАСА ,,ЦЕЛИОТ СВЕТ“
Околу огромната конференциска маса беше собран „целиот свет“. Пред секоја делегација, наместо името на државата, беа имињата на претседателот и на министерот за надворешни работи.
Така, на два бели дрвени триаголници беше испишано „Глигоров“ и „Малески“. Како сувенир, овој дрвен триаголник и денес стои на полиците од мојата библиотека. Можно ли е ваквиот аранжман за претставниците од „целиот свет“ да е издејствуван од Грција само за да не стои името „Македонија“? Секако.
Грчкото влијание не можеше да се спореди со она на малата Македонија, нова држава во процес на меѓународно признавање. Поради ужасите во Босна, врз кои беа свртени очите на светот и стравот дека тие може да се прошират, многу прашања, вклучувајќи го и прашањето за признавањето на Македонија, не беа на дневен ред.
А, сепак, не сакавме да ја пропуштиме можноста. При изгласувањето на тоа што веќе беше утврден дневен ред, се договоривме претседателот Глигоров, сепак, да интервенира. Пишувам на англиски на лист хартија.
Претседателот чита:
„Господине претседавач, со оглед на тоа што Лондонската конференција е продолжение на претходната Европска конференција, раководена од Лорд Карингтон, делегацијата на Македонија смета дека прашањата што не се решија на претходната конференција средба да најдат место на оваа маса. Едно од тие прашања е и признавањето на Македонија.
Господа,
Собрани сме околу маса на која седат неколку земји што ја признале Република Македонија како независна држава, додека еден број други држави не ја прифаќаат како таква. Во интерес на мирот и на праведната иднина на европскиот поредок е да ја кренеме „невидливата забрана“ на нашето признавање и да се дозволи секоја влада слободно да одлучува. Ставањето на прашањето за признавањето на Република Македонија на дневниот ред на оваа конференција би било добар почеток.
Благодарам“.
Но, интервенираат и други. Албанија бара да се стави и прашањето на Косово, а Паниќ, премиерот на СР ЈУгославија, реплицира. Вели се согласува само под услов да се наведат и сите други, па почнува да реди: Војводина, Краина, Истра, Далмација…
Се вмешува и Унгарија, па се формира албанско-унгарски сојуз против Србија. Во хаосот што настанува на конференциската маса, видно расположени се Хрватите на чело со Туѓман, додека Словенците не престануваат да се смеат. Интервенира Карл Билт со предлог да се формира група за воени злосторства.
„ЧЕСНИОТ“ ПИЊЕИРО
Генералниот секретар на ОН, копретседателот на Лондонската конференција, пак, има други грижи. Вели дека претходно треба да се соберат пари во вид на донации за да може конференцијата да работи.
Јапонецот има приговор на точката 7, за трошоците што треба да ги покриваат побогатите учесници. Почнува расправа за парите.
Го забележувам Лоренс Иглбергер, како преку член на американската делегација, му проследува на Гали жолто ливче, на кое штотуку чкртна нешто.
Бутрос Гали, читајќи од жолтото ливче, ја информира Конференцијата: „…Имам многу добри вести. САД приложија кон Конференцијата три милиони долари“.
Во салата настана олеснување. Американската делегација се смее. Јапонецот пак за парите и процедурата.
Бутрос Гали му реплицира: „Ако правиме така како што предлагате ќе ни треба четири месеци само да почнеме, два месеца да испратиме писма и уште два да собереме пари“. Јапонецот се смилува: „Нема да ви се испречуваме на патот…“.
Забележувам дека главниот суфлер на Гали е Венс. Гали во микрофонот пред него: „Ви благодарам, заслужуваме чај и кафе…“. По паузата, конференцијата можеше да почне по однапред утврдениот дневен ред.
Во паузата се судрувам со Пињеиро, „авторот“ на Лисабонската декларација. Изгледа растресен, носот му е црвен, дали е настинат? „Како си, драго ми е што те гледам тука“, ми вели.
Иако мислев дека кога ќе се сретнеме, ќе чувствувам гнев или омраза, се изненадив. Чувствував рамнодушност. Му велам дека по лисабонската декларација падна владата, но дека политичките фактори сѐ уште сакаат да останам министер за надворешни работи.
Погледот му е отсутен, па се прашувам дали воопшто ме слуша. Ми ја стега раката и со некаква гримаса што би требало да е насмевка ми вели: ,,Еден ден ќе ти кажам што навистина се случи… Ветувам дека ќе ти ја кажам вистината – и како да положува заклетва пред американски суд, декламира – „целата вистина и ништо друго, освен вистината… Ветувам…“.
Не поверував дека тоа ќе се случи. Бев во право. Се сетив дека со истата убеденост на почетокот од португалското претседателство, ми рече: „Јас сум чесен човек…“.
Кој чесен човек го вели тоа на првата средба, се прашав уште тогаш. Во турканицата на паузата се сретнав со помошникот на Сајрус Венс, амбасадорот Оукун, кој се смее и ми вели дека се радува што ме гледа тука, иако сум поднел оставка.
Очигледно ја прочитал статијата во „Њујорк тајмс“ за острите реакции во Македонија по објавувањето на Лисабонската декларација и за мојата оставка во знак на протест. Ги сретнувам и Кутиљеиро и другите од Конференцијата за Југославија. Радосни се што ме гледаат (политички) жив.
(Продолжува)