На локалните избори што денеска се одржаа во 89 градови и општини во Србија, според првите проценки на ЦеСИД и ИПСОС, листата на СНС има најмногу гласови во Белград, Ниш и во Нови Сад.
Листата „Александар Вучиќ – Белград утре“ освои најмногу гласови на изборите за советници на Град Белград, за кој гласале 52,9 отсто од избирачите, покажува оценката на резултатите од гласањето објавени од ИПСОС и ЦеСИД врз основа на 92,6 проценти од обработените примероци, пренесува државната телевизија „РТС“.
Според овие податоци, изборната листа на движењето „Крени-промени“ освоила 17,5 отсто од гласовите, додека на трето место е опозициската коалиција „Го бираме Белград“, за која гласале 12,3 отсто од избирачите.
На четврто место е листата „Ние сме силата на народот – д-р Бранимир Несторовиќ“ со девет отсто од гласовите.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја објави победата на Српската напредна странка на локалните избори.