Променливо облачно време со локални и послаби врнежи од дожд ќе преовладува денеска. На планините на север се најавуваат врнежи од снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, особено в долж Повардарието, кој ќе се задржи и во следните денови, информира Управата за хидрометеоролшки работи (УХМР).
Поради продор на студена воздушна маса од север од утре попладне и в четврток ќе има локални врнежи кои речиси насекаде ќе бидат од снег. В петок и за време на викендот ќе биде многу студено, а температурата во поголем дел од земјава преку целиот ден ќе се задржи под нулата
Поради врнежите во изминатите денови зголемени се нивоата кај сите водотеци и езера низ државата, поради што од УХМР предупредија за внимателно движење покрај тие места поради можност од појава на големи води, излевања, свлечишта и одрони.
Според податоците што ги објави вчера УХМР, сите водостои се со надпросечни вредности за овој дел од годината и се очекува и натаму да бидат во покачување. Како најкритични вчера беа посочени реките Вардар горен тек, Треска, Лепенец, Пчиња, Крива, Црна, Радика, Сатеска и нивните притоки. Локални излевања имаше на Вардар кај Рашче, на Крива Река и Пчиња во кумановскиот регион, на водотеци во Охридскиот и Битолскиот регион, а поради заситената почва со влага има и појава на заезерување во одредени рамници и делови на Пелагонија и Полог..