Новиот вршител на должноста директор на американската тајна служба – Роналд Роу денеска изјави дека локалната полиција во Пенсилванија не треба да сноси одговорност за безбедносните пропусти што доведоа до обидот за убиство на поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните претседателски избори – Доналд Трамп, минатиот месец.
„Во никој случај ниту една државна или локална агенција на 13-ти јули не треба да биде одговорна за неуспехот на Тајната служба“, рече Роу, пренесе Ројтерс.
Според него, тоа е неуспех на Тајната служба.
Поранешниот директор на Тајната служба – Кимберли Читл поднесе оставка минатата недела под притисок на Конгресот поради безбедносни пропусти во обезбедувањето на Трамп.
Обидот за убиството на Доналд Трамп, 45-тиот претседател на САД и републикански кандидат за претседателските избори во 2024 година, беше извршено на 13 јули нешто по 18 часот по локално време на предизборен митинг во близина на Батлер, Пенсилванија.
Стрелецот е идентификуван како 20-годишниот Томас Метју Крукс од Бетел парк, Пенсилванија.