Локализиран е големиот пожар кој вчера избувна над пехчевското село Негрево, информираат од Општина Пехчево. Гасењето на пожарот траеше речиси два дена, откако синоќа се закануваше да го зафати градот Пехчево.
Најкритично беше кај месноста Равно Борје, а во гаснењето целосно беа вклучени поголем број на луѓе.
„Благодарност до доброволното противпожарно друштво ‘Пехчево’, ТППЕ Берово, вработени во ПШС ‘Равна Река’ Пехчево, шумска полиција – Пехчево, вработени во МВР, Армијата на РСМ, вработени во Општина Пехчево, пожарникари од цела Македонија. Исто така благодарност до хеликоптерите на МВР, ертракторите на ЦУК, вработени во Центар за управување со кризи, месното население од село Негрево и Пехчево, механизација на повеќе општествено одговорни фирми, доброволци од соседните градови. Добивме и безрезервна помош од општествено одговорни компании и фирми“,
истакнаа од Општината.
Оттаму апелираа до жителите на Пехчево и околината да внимаваат бидејќи при постоечките високи температури може повторно да настане пожар од големи размери.
Во пожарот изгоре борова шума, а точната површина на опожарените парцели од Општината и надлежните органи дополнително ќе се утврдува.