Министерот за правда, Кренар Лога ја посети Академијата за судии и јавни обвинители каде беше запознат со начинот на функционирање и активностите на институцијата, како и новиот Закон за Академија на судии и јавни обвинители.
На средбата со директорката на Академијата, проф. д-р Наташа Габер Дамјановска се разговараше за можноста да станеме дел од Европската мрежа на правосудните институции, за што министерот Лога се обврза дека ќе се подготви Информација која ќе се достави до Владата.
Еден од проблемите со кои се соочува Академијата е немањето на соодветни просторни и технички услови за нормално функционирање.
Лога ја информираше Габер-Дамјановска дека со цел да се отстранат сите сомнежи околу полагањето на правосудниот испит и испитите за нотари, извршители и судски преведувачи добро би било во иднина тие да се полагаат во Академијата за судии и јавни обвинители, а не во Министерството за правда.
Констатирано е дека со новиот закон се овозможува стекнување на унифицирано уверение за завршена почетна обука за судија и јавен обвинител.
Измените предвидуваат воедначување на судската пракса преку зголемен обем на обуки на судиите во рамките на Академијата за судии и јавни обвинители, како и редефинирање на начин на полагање на приемниот и завршниот испит врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на знаењата на кандидатите.