Остро ја осудуваме деградирачката реторика на политичката партија која претендира да управува со оваа држава. Нападот врз независните институции е неприфатлив јазик за една земја членка на НАТО и земја која се наоѓа пред пристапување во Европската Унија, напиша министерот за правда, Кренар Лога на Фејсбук откако ВМРО-ДПМНЕ ја нарече претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска „судски портпарол на СДС и ДУИ“.
-Како министер и како министертво сме имале период на дебати и со претседателот и Уставниот суд воопшто, но во ниту еден момент тоа не било причина да се девалвира во јазик на омраза и лични квалификации кои потоа се манифестираат на улица и како закани кон носителите на јавни функции. Сè уште има одлуки на Уставниот суд за кои не делиме исти ставови, но во ниту еден момент истите не смеат да послужат како изговор за оспорување на тие пресуди и деградирачки коментари. Ја повикуваме политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да се издигне на висината на задачата што ја чека, и да не се однесува како на изборна кампања. Патот на консолидирање на демократските институции поминува низ почитување од страна на партиите и релевантните институции, напиша Лога.
Откако партијата ВМРО-ДПМНЕ ја нарече претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска „судски портпарол на СДС и ДУИ“, министерот за правда Кренар Лога реагираше дека тоа е недолично однесување од партија што треба да ја преземе власта.