Лога в понеделник со партиите ќе бара решение за Судски совет

by fokus

Министерот за правда, Кренар Лога в понеделник ќе се сретне со координаторите на пратеничките групи и ќе бара решение за проблемите со Судскиот совет.

-Лога во понеделник во Собрание ќе има средба со координаторите на пратеничките групи за измените на Законот за судски совет. На средбата ќе се разменат мислења и идеи како да се надмине состојбата и проблемите со кои се соочува оваа институција.По консултациите со политичките партии и експертите ќе се пристапи кон наоѓање решение, велат за „Фокус“ од Министерството за правда.

Лога минатата недела излезе со иницијатива за распуштање на сегашниот состав на Судскиот совет по контроверзните случувања во ова тело, но и по анкетата на ОБСЕ во којашто голем дел од судиите не веруваат независноста на Советот.

Сепак од Коалицијата „Сите за правично судење“ за „Фокус“ анализираат дека единствена одлука која долгорочно ќе ги реши проблемите со ова тело е членовите да си дадат членови и да се изберат нови. Според нив, со вакво законско решение се поставува правен преседан.

-Она што мора да се има предвид е дека поради незаконското постапување на Советот сега сме доведени во ситуација кога или Советот ќе продолжи да функционира како нелегитимно тело и секоја одлука на советот ќе биде контаминирана со „неправо“, или истиот ќе биде распуштен и да се формира нов состав. Во оваа насока, свесни сме дека, особено на краток рок предлогот на Министерството за правда со закон да се прекине мандатот на постоечкиот состав, ќе има далеку помали последици отколку Советот да продолжи да функционира, сепак истото носи ризици на долг рок во поглед на нарушување на судската независност. Токму поради тоа најсоодветен начин за надминување на состојбите е доколку и останатите членови го следат примерот на двајцата членови на Советот кои во меѓувреме поднесоа оставка, бидејќи на овој начин не се поставува правен преседан, ниту пак има ризик од загрозување на независноста на судството, а секако во целост ќе придонесе за да се надмине моменталната состојба, велат од Коалицијата.

Доколку членовите одлучат да си дадат оставка тогаш ќе се изберат нови, дел ќе бидат непосредно од страна на судиите, а дел од страна на Собранието. Оваа постапка би траела неколку месеци, но целта е да се врати легитимитетот и кредибилноста на Советот.

– Идеално би било доколку во меѓувреме се промени и законот и биде унапредена постапката за избор на членови на Советот. Во секој случај, треба да се има предвид целта поради која истото се прави, односно враќање на легитимитетот и кредибилитетот на Советот да ја обезбеди и гарантира самостојноста, независноста и професионалноста на судската власт. Оттука, нефункционирањето на Судскиот совет неколку месеци поради поднесени оставки на членовите би била најмалата цена која ќе треба да се плати
за да се врати легитимноста на ова тело, бидејќи и онака состојбата во која се наоѓаме е многу слична како и воопшто да немаме Судски совет, порачуваат од таму.

Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев пак вчера во телевизиско гостувања кажа дека оставките на членовите не се решение и според неговиот настап тешко дека ќе има доброволни оставки.

Вели дека наскоро им истекува мандатот на членовите на сегашниот состав, па ќе се избере друг. За него е неприфатливо и решението на министерот, па и покрај критиките за сегашниот состав најпожелно решение е да си го истераат мандатот.

Поврзани новости