Почетокот на преговори за членство во ЕУ бара од нас да се интензивираат активностите за јакнење на владеењето на правото и правната сигурност преку реформи во системот и хармонизација на законодавството, порача министерот за правда Кренар Лога во своето обраќање на Меѓународната научна конференција „Современите аспекти на правната доктрина и толкување-предизвици и перспективи”.
Тој посочи дека реформите во правосудниот систем не можат и не смеат да останат само на хартија.
„Министерството за правда останува посветено на подобрување и јакнење на правната и институционална рамка во борбата против организираниот криминал и корупција. Реформската агенда бара посветеност, знаење, но и поддршка од сите чинители, во обидот да станеме дел од големото европско семејство.Пред нас се уставните измени. Од нас самите зависи дали ќе чекориме по патот на ЕУ или ќе стоиме во место. Време е, сите заедно да донесеме државничка одлука” – рече Лога.
Според него, „имаме политичка волја, но и посветеност за решавање на одредени недостатоци во областа на правосудството, како и борбата против организираниот криминал и корупцијата“.