Министерот за правда Кренар Лога одржа брифинг со новинарите на кој се разговараше за сите актуелни теми и процесите низ кои се очекува да помине земјава следниот период. Освен за уставните измени во делот на внесување на Бугарите во Уставот, минисерот Лога соопшти дека ова е повод да се направат и други уставни измени, меѓу нив е формулацијата јазик што го зборуваат 20 отсто од населението, да се замени со формулацијата „албански јазик“.
Темите кои ги начна минисерот се: измена на преамбулата за внесување на Бугарите и други заедници во Уставот, надминување на вакумот при оставка и избор на нов министер , вакумот веќе распуштено Собрание да може да заседава за битни прашања, замена на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“, министерот за правда по функција да не биде член на Судскиот совет. Ова се само некои од предлозите кои министерот за правда Кренар Лога смета дека во пакет треба да бидат донесени со отворањето на Уставот.
„Јас сум во комуникација со сите чинители во државата, со премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на државата Стево Пендаровски и со други истакната личности и верувам дека работната група многу брзо, за денови или недели ќе биде составена. Се размислува не само во делот на преамбулата Уставот да претрпи измени, туку да се реши прашањето со вакумот кој се случи за потпишувањето на еврообврзницата со оставката на министерот и изборот на нов министер, во делот каде министерот за правда по функција е дел од Судскиот совет, во делот што беше проблематичен во пандемијата кога Собранието не можеше да заседава бидејќи беше распуштено, за промена на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“. Како и да е, за сите овие прашања треба да имаме консензус, а за нас приоритет останува измена на преамбулата во делот на вклучување на помалите заедници“, рече Лога.
Министерот Лога верува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе делегира свој претставник во работната група за новиот Изборен законик.
Со амандманот 5 на Уставот донесен во 2001 година, „на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“.