Поранешниот министер за правда, Кренар Лога пред да замине од функцијата потпишал одлука со која од 1 септември услугите на нотарите требало да поскапат за десет пати, обелодени новиот министер за правда, Игор Филков на првиот брифинг со новинарите. Тој веќе ја повлекол оваа одлука и новите цени нема да важат.
Според податоците кои ги презентираше Филков, оваа одлука за тарифата била донесена уште во месец февруари, но се чекало да поминат изборите. На 6 јуни, техничката влада дала одобрение, па новите тарифи биле објавени во Службен весник на 11 јуни. Цел процес, како што кажа Филков, бил скриен од јавноста, а за одлуката немало ниту официјални соопштенија, ниту прес конференција.
Сега новиот министер иницирал постапка за повлекување на одлуката за давање на согласност до владата. Всушност до владата е иницирана постапка да се анулира дадената согласност за поскапите услуги, што ќе претставува основа за неспроведување на дадената одлука. Во меѓувреме, со поддршка на пратениците, побарал Парламентарниот институт да направи анализа и да ги земе предвид и нивните и аргументите на нотарите.
-Вака не се работи. Не смее народот да плаќа нешто десет пати повеќе, односно не смеат да се носат одлуки, без да има широка дебата, без да слушнеме што мислат за тоа сите засегнати страни. За промената на цената по било кој основ мора да има сериозна анализа, мора да има утврдено потреба од сериозно зголемување како што предвидел поранешниот министер, кој од неразбирливи причини „тера“ некоја агенда за поскапувањето. По повлекувањето на одлуката имам намера да отворам дебата и да разговараме што може да се направи се со цел да не бидат оштетени ниту граѓаните ниту нотаарите, порача Филков.
Ф.Ф.С.