АА: Му честитаме на Таравари на големата „победа“ против Албанците

by Fokus

Денешната одлука на Уставниот суд за укинување на Балансерот е удар за еден од главните столбови на Охридскиот договор, правичната и соодветна застапеност. Од денеска па натаму нема да има загарантирани работни места и именувања на раководни позиции на Албанците и другите немнозински заедници. Му честитаме на господинот Арбен Таравари за големата „победа“ против Албанците и сервилноста кон оваа антиалбанска Влада, реагираат од Алијанса за Албанците.

-Го потсетуваме Уставниот суд дека ова беше институцијата која во историјата на државата предизвика најголема дискриминација и неправда и како резултат на тоа најстрашни немири. Ја потсетуваме сегашната моноетничка Влада, каде не се разликуваат веќе ни сервилните партнери, кои беа во еден глас со Мицкоски и Стоилковиќ, дека ја враќаат државата 24 години назад, до времето пред потпишувањето на Охридскиот договор. Денеска цела јавност виде кои се сценаристите на дестабилизацијата и кој сака тензии. Обвинувајќи ги Албанците и прегазувајќи ги Албанците во исто време, нема да можете да ги реализирате вашите планови, а камоли да не искомплицирате и исплашите. Ние заедно со Албанците нема да прифатиме вакви самоволни одлуки, со етничко надгласување, кои ги уништуваат досегашните достигнувања од Охридскиот договор. Ние, исто така, ќе ги алармираме гарантите на ОД, Меѓународната заедница, и ќе го кренеме нашиот глас на секаков демократски и легитимен начин, објавија од Алијанса на Фејсбук.

 

Поврзани новости