Лога: Денеска добивме одобрение за екстрадиција на Палчо

by fokus

Денеска официјално е одобрена екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо, информираше министерот за правда Кренар Лога.

-Почитувани граѓани и непочитуван г. Ковачки, Ве информирам дека денес со официјална информација од Република Турција добивме одобрение за екстрадиција на лицето Љупчо Палевски.
Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда, напиша Лога на фејсбук.

Палчо е еден од осомничените за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.

Барањето за екстрадиција на Палевски доаѓа по неговото апсење на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела – „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.

Штом ќе биде екстрадиран, Палевски во земјава ќе биде пречекан со судско решение за 30-дневен притвор и ќе биде пренесен во истражниот затвор во ,,Шутка”. Таму веќе се наоѓаат тројцата осомничени соизвршители во грабнувањата и свирепите убиства.

В.В.

Поврзани новости