Лобисти (2)

by Фокус

Корисните разговори со Макферлејн ме убедија дека и тој, и сите ние сме немоќни пред фактот дека интересите меѓу државите се посилни од сите аргументи. „Сојузите се создаваат за да ги бранат интересите на своите членки“, заклучи Макферлејн, како да чита некој учебник по меѓународна политика. Стануваше сѐ појасно дека единствениот излез за Македонија е некаков компромис.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Роберт Бад Макферлејн

По препорака на Џон Битов до претседателот Глигоров, во Скопје допатува Роберт Бад Макферлејн, новиот лобист за Република Македонија. Роден во 1937 година, тој, како претставник на третата генерација на фамилијата Макферлејн, во 1955 година се запишува на Поморската академија на Соединетите Држави и дипломира меѓу првите 15 проценти од класот.

Подоцна, Макферлејн добива титула магистер на Институтот за меѓународни студии во Женева, Швајцарија. Учесник во Виетнамската војна, а подоцна и помошник на Кисинџер за воени прашања, и самиот станува советник за национална безбедност на претседателот Роналд Реган во 1983 година.

Во таа улога работи на развојот на политиката позната како „Војна на ѕвездите“, со која се забрза падот на комунизмот, означувајќи го крајот на Студената војна. Макферлејн презема тајна мисија во Техеран, чиј резултат е зделката наречена „Оружје во замена за заложници“, која, за малку, ќе ја уништеше политичката кариера на претседателот Реган, а на Макферлејн му донесе повеќе обвиненија за криење информации од Конгресот.

Оваа матна афера резултираше со оставка на Макферлејн во 1985 година, а потоа и негов обид за самоубиство. Американски извори од тоа време цитираат соработник на Макферлејн, кој вели: „Трагичната грешка на Бад беше што сакаше да биде Хенри Кисинџер, да биде на врвот, да разместува планети, да тресе континенти, да биде почитуван како продлабочен стратешки мислител…“.

ПРОФЕСИОНАЛЕЦ

Првиот впечаток од мојата соработка со Макферлејн беше дека станува збор за вистински професионалец – концизен, точен и дисциплиниран. Кон претседателот Глигоров и кон мене како министер за надворешни работи се однесуваше како да нема зад себе политичка кариера од највисок ранг. Ни трошка вообразеност, ни трошка помпа, беше платен да заврши работа и го правеше тоа со максимална одговорност кон новите работодавачи.

Веќе бев научил важни лекции од праксата на меѓународната политика, па соработката не траеше повеќе од неколку месеци. Научив, имено, дека поранешни функционери не значат многу во денешни услови затоа што се надвор од процесот на одлучување или, како што би рекле Американците, when you are out, you are out, како и дека улогата на лобостот во комплицираниот случај на Македонија е само да „отвора врати“ за средби со важни личности.

Што потоа ќе се случува зад затворените врати, зависеше само од тоа како претседателот или јас како министер за надворешни работи ја аргументиравме нашата кауза. Голем проблем за Македонија беше отсуството на интерес на Германија, која, и покрај одлуката на Арбитражната комисија, и покрај фактот дека во носењето на одлуката учествуваше и нивниот претседател на Уставен суд, ја признаа Словенија и Хрватска.

Можеше ли отсуството на државен интерес да биде надоместено со уште еден личен контакт со Ханс Дитрих Геншер? Договорот беше Макферлејн да обезбеди средба со германскиот министер за надворешни работи на следната сесија на Советот на министри на Унијата во Брисел.

Сместени во хотел блиску до седиштето на Унијата и по договорот од претходниот ден, тоа сончево и студеникаво утро тргнавме пеш на закажаната средба. Информацијата дека Грците од дијаспората организираат демонстрации против Македонија пред седиштето на Унијата само ја регистрирав некој ден порано, но не ѝ обрнав особено внимание.

Како што наближувавме кон местото на состанокот, така се зголемуваше бучавата што ја правеа демонстрантите со извикување пароли и со удирање во тапан. Кога свртевме зад аголот, безмалку се судривме со толпата демонстранти, кои, организирани од полицијата, стоеја зад некаква импровизирана ограда.

Се сеќавам дека нашето појавување ги зголеми извиците на протест и го збрза удирањето во тапан, од што како да се тресеше земјата под нашите нозе. Јас, пак, се чувствував чудно безбеден со нашиот нов американски лобист.

ТАПАН

На влезот, некој од вработените во ЕУ ме праша дали го препознавам инструментот, чија бучава беше навлегла внатре во зградата и ги затресуваше прозорците. „Да, сите ние на Балканот го имаме. Тоа е исто што и вашиот барабан, само десетпати поголем и побучен и се вика тапан!“, одговарам.

Ми се стори дека единствениот човечки знак на камениот лик на Геншер го фатив кога со крајот на устата му се насмевна на Макферлејн и состанокот можеше да почне. Иста залегната поза во фотелјата, иста незаинтересираност, иста рамнодушност како на средбата со претседателот Глигоров во Германија во претходниот месец.

Мозокот ми е во оган, но од устата испуштам учтиви и разбирливи реченици. Образложувам и се прашувам: Ќе успеам ли да го придобијам за Македонија. Ќе нѐ признае ли Германија? Залудно. Интересите на Германија и на Грција се посилни од сите зборови на овој свет.

По некое време, Геншер дава знак дека состанокот е завршен. Учтиво се поздравувам и се заблагодарувам за неговата и за грижата на Германија за судбината на Македонија. Заминуваме. Лобистот ја изврши својата задача: ми овозможи разговор со германскиот министер за надворешни работи, Геншер до кој, признавам, не беше лесно да се дојде.

Корисните разговори со Макферлејн ме убедија дека и тој, и сите ние сме немоќни пред фактот дека интересите меѓу државите се посилни од сите аргументи.

„Сојузите се создаваат за да ги бранат интересите на своите членки“, заклучи Макферлејн, како да чита некој учебник по меѓународна политика. Стануваше сѐ појасно дека единствениот излез за Македонија е некаков компромис. Но, двете општества и двете политики не се во состојба да го сторат тоа. Макферлејн ме информира дека Британците работат на формула што ќе ја внесе Македонија во системот на држави.

Тоа е истата таа на која се осврна и Роберт Фровик во еден наш разговор. Формулата е „поранешна југословенска Република Македонија“. Ми вели дека на наредниот состанок на ЕЗ има 30 отсто шанса таков предлог да помине по што би следело признавање од сите членки на ЕЗ. Шансите да помине грчкиот став, пак, се 50 отсто.

Се разбира, останува и опцијата државите на Унијата да не направат ништо. Советува, ако се прифати грчкиот став за име без зборот „Македонија“ да имаме подготвено одбивање, со образложение како „Историско право“ или „Можност од насилства“. Кога одлучуваат за ова прашање, единаесеттемина се исправени пред опасноста да падне грчката влада.

УЛОГАТА НА ЛОБИСТИТЕ ЗАВРШИ

Но, вистинското прашање е дали неповолната одлука не ќе значи насилство и дезинтеграција на Македонија. Имено, притисоците ќе растат и од Србија, што може да доведе до разбивање на Македонија.

Препораките на Мекферлејн се:

Неволно да се прифати британскиот предлог, со повик до Грција да се воспостават работни односи меѓу нашите земји.

Грчкиот предлог сериозно да се одбие со образложение во кое ќе се изрази и добра волја кон Грција и ЕЗ.

Макферлејн ме информира дека ставот на британскиот министер за надворешни работи Даглас Херд е „поранешна југословенска Република Македонија“. Британија ќе оди на дипломатско признавање. Дали е тоа поддршка за членство во ОН и во КЕБС? Да. Британците ќе бидат против предлогот на Грција со образложение дека Македонија го одбила.

Португалците, вели, ќе одат со грчкиот предлог. Америка, официјално, го поддржува ставот на Грција. Ми објаснува дека Грција црпи поддршка од пониските ешалони во американската администрација.

Советите на Макферлејн беа умни и корисни, меѓутоа, во оваа фаза пред приемот во ОН, кога сите карти беа веќе отворени, знаев дека сме дојдени „до крајот на патот“ и дека натаму сите одлуки ќе бидат само наши. Битов веќе немаше пари да го плаќа Макферлејн бидејќи фондот создаден од донациите на иселениците се исцрпе, така што тоа мораше да го прави нашата држава.

Сметав дека таков трошок не е нужен, па, и покрај притисоците што доаѓаа од Битов преку претседателот Глигоров, кој и самиот беше свесен за ситуацијата, не попуштив. Улогата на лобистите заврши.

(Продолжува)

Поврзани новости