Лобисти (1)

by Фокус

Размислувајќи денес за улогата на лобистите како Тејлор или, подоцна, Макферлејн, не сум толку строг кон нивната корисност. Имено, фактот дека за својот ангажман на страна на Македонија тие мораа да добијат согласност од властите во Америка и во Канада, беше некаков показател за расположението на овие држави. Се надевав и дека, во ретките случаи, кога некој од нив беше во делегацијата на Македонија, преговарачите од другата страна на масата ќе го регистрираат присуството на овие „неми сведоци“ од моќниот Запад.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Лобистите секогаш ми буделе асоцијации не еден филм од моето детство  – „Седумте величествени“, во кој група од седум американски платеници, предводени од Јул Бринер, организираат и бранат мало и сиромашно мексиканско село од пљачкосувањата на една мексиканска банда.

Со една разлика: платениците на крајот од филмот, понесени од принципите на правдата и хуманоста, забораваат на парите и ги ризикуваат своите животи, додека модерните лобисти не се ни блиску до таквото поведение.

Во меѓународната политика, сите жртви ги поднесуваат само засегнатите. Во  случајов што го опишувам – ние.

ЏОН БИТОВ

Тој август 1991 година, во неможност да присуствува на манифестација на нашите иселеници во Канада, претседателот Глигоров ме испрати мене. Џон Битов, канадски бизнисмен по потекло од егејска Македонија, го запознав во канцелариите на неговата фирма во центарот на Торонто.

Роден во 1928 година, во Торонто, Битов во 1980-тите е успешен бизнисмен со ресторани ширум Канада, а подоцна и директор на истакнати компании. Неговите добротворни активности го вклучуваат и домот за стари лица по потекло од Македонија и партнерството со полицијата во Торонто, во програмата намената за млади ризични групи во градот. Како заслужен граѓанин на канадското општество, носител е на орден Order of Canada.

Како и на сите други средби, мојата задача беше да ги запознаам соговорниците со состојбите во регионот и со политиката на Република Македонија. Битов, елегантен шеесетгодишник, сосема сличен на сите мои западни соговорници, слушаше со љубопитство.

На крајот од разговорот ми даде комплимент, кој ме замисли. „Ти си подобар од…“, рече радосно и некако зачудено, спомнувајќи име на еден наш млад политичар што го познаваше. Ме замисли зашто комплиментот го доживеав како мешање во нашите внатрешни работи, на начин на кој странец, сепак, не би требало да си го дозволи. Се направив како да не ги слушнав неговите зборови и го свртев разговорот на нашата соработка и поддршката што можеше да ѝ ја пружи на младата македонска држава. „Имам многу контакти и ќе ти отворам многу врати“, рече.

Во договор со претседателот Глигоров, Битов го организираше првото македонско лоби финансирано преку македонските црковни општини од добротворни прилози на Македонците во Канада. Со тие пари се финансираше една група лобисти, која, како свој претставник во Македонија, го испрати Кен Тејлор, поранешен канадски амбасадор во Иран.

Таму, тој се прослави со тоа што, во времето на заложничката криза, кога радикалните млади Иранци ја зазедоа американската амбасада во Техеран, успеа да засолни шест Американци, да им обезбеди канадски патни исправи и да ги испрати надвор од Иран. Роден во 1934 година, Тејлор студирал на Универзитетот во Торонто, а по дипломатската мисија во Иран, назначен е за генерален конзул на Канада во Њујорк.

Од канадската влада е одликуван со орденот „Order of Canada“, а од американскиот претседател со „конгресен златен медал“. Тејлор го придружуваше претседателот Глигоров на неколку средби со странски политичари, вклучувајќи ја и средбата со Слободан Милошевиќ, на која не присуствував.

Од разговорите што ги имав со него слушнав многу корисни совети, но не и конкретни решенија за нашиот тежок спор со Грција. Единственото што ми остана во сеќавањата е неговото размислување дека поради неколкуте нерасчистени убиства на Американци од страна на грчките радикали, Америка не ѝ е многу наклонета на Грција.

ЛОБИСТИТЕ ОД ТОРОНТО

Размислувајќи денес за улогата на лобистите како Тејлор или, подоцна, Макферлејн, не сум толку строг кон нивната корисност. Имено, фактот дека за својот ангажман на страна на Македонија тие мораа да добијат согласност од властите во Америка и во Канада, беше некаков показател за расположението на овие држави.

Се надевав и дека, во ретките случаи, кога некој од нив беше во делегацијата на Македонија, преговарачите од другата страна на масата ќе го регистрираат присуството на овие „неми сведоци“ од моќниот Запад.

Мислам дека од донациите на граѓаните се собраа некаде околу милион долари, пари со кои се покрија трошоците за тимот лобисти со седиште во Торонто. На една средба со претседателот Глигоров, во фоајето на хотелот во кој бевме сместени, Битов дојде со големи табаци хартија на кои беа напишани исплатите.

Му ги читаше бројките на претседателот, со намера да добие согласност од него. Глигоров, пак, кој немаше никаков увид во собирањето на парите, не сакаше да учествува ниту во нивното распределување, давајќи му до знаење на Битов дека е тоа негова работа, или, можеби, дека му верува.

Сумата од сто илјади долари што Битов предложи да му се исплати на Тејлор за едногодишен ангажман, кој се состоеше од неколку посети на Македонија и на други држави, ми се стори преголема и прокоментирав нешто во таа насока. Битов ми објаснуваше дека не сум во право. Можеби. Но, едно знам: кога во некои студени денови, Тејлор се појави во Скопје несоодветно облечен, му го дадов мојот стар мантил – кој никогаш не ми го врати!

И последниот телефонски разговор што го имав со Битов беше за пари. Поточно, за средства за лобирање. Вечерта, седнат во хотелската соба во Њујорк, по напорниот ден низ коридорите на ОН, со грозница на устата, која ми се појавуваше секогаш кога ќе минев низ голем стрес, следев емисија на американска телевизија за логор на жени во Босна и Херцеговина.

Расплакани жени ја кажуваа својата заедничка судбина: српските војници што ги силувале, намерно ги држеле во логорот до последното доба на бременост за да ги доведат до безизлез. Сега, со големи стомаци, беа пуштани на слобода.

Звони телефонот во хотелската соба. „Господине министре, вие ги избегнувате моите повици“, ми вели, на англиски, подналутено Битов. Му објаснувам дека сум сместен во хотел од трета категорија, бидејќи подобрите беа зафатени и дека не сум добил никакви пораки. Тој ми објаснува како мораме да создадеме еден поголем фонд на пари за повторно да ги активираме лобистите.

„Ама, Џон, му велам јас, „ние сме сиромашна земја, која не може да издвои такви пари“. „Зар немате нешто да продадете, некој авион, на пример“, прашува тој. „Немаме, но и да имаме, тоа би биле големи пари за да ги дадеме за лобирање…“, изустувам веќе изиритиран од неговата настојчивост.

И додавам: „Џон, дали знаеш дека мојата министерска плата е 200 долари?“. Луто ја изустува американската поговорка „ќе ги ставам и сопствените пари каде што ми е устата“ и заврши, засекогаш, мојот контакт со Џон Битов.

(Продолжува)

Поврзани новости