Првото лизгалиште во Тивешијата, лоцирано во комплексот на спортскиот центар „Јасмин” во Кавадарци, на површина од околу 500 метри квадратни, започна со работа.
Таму учениците од основните и средните училишта ќе одржуваат настава по физичко воспитување, а еднаш неделно ќе доаѓа и тренер од Хокеј федерацијата на Македонија, кој ќе работи со децата.
По наставата, лизгалиштето ќе работи комерцијално, а лизгалките ќе се изнајмуваат по цена од 100 денари за неограничено време на лизгање.
Идејата Кавадарци да добие лизгалиште е на градоначалникот Митко Јанчев. Изградено е во соработка на неговата компанија ,,Кожувчанка” и компанијата ,,Црна река Петрол” и останува во трајна сопственост на општината.
-Драго ми е што на некој начин може да се израмниме со поголемите градови. Радоста на лицата на децата зборува доволно. Бенефит од лизгалиштето имаат сите граѓани, а најмногу најмладите. Општина Кавадарци преку Сојузот на училишни спортови преку училиштата организира бесплатно лизгање во зимските месеци, а на располагање се ставени 300 лизгалки за почеток – ни изјави Јанчев.
-Ова е одличен проект кој ќе придонесе за хокејот во Македонија да дојде до едно сосема солидно ниво. Планирани се уште неколку лизгалишта низ Македонија, а еден или двајца инструктори од кај нас ќе доаѓаат секоја недела, во зависност од потребите – изјавија претставници од Хокеј федерацијата на Македонија, кои дојдоа на отворањето на лизгалиштето.
Вики Клинчарова