Русија побара од Литванија веднаш да ја повлече забраната за транзит на руската стока преку територијата на Литванија до рускиот град Калининград.
Кремљ обвини дека станува збор за „незаконска“ одлука „без преседан“.
Руското Министерство за надворешни работи ссопшти дека ограничувањето е „отворено непријателско“ и порача дека Москва „ќе преземе активности за да ги заштити своите национални интереси“.
Литванските власти ги воведоа ограничувањата кои стапуваат на сила од 20 јуни во обид да ги зајакнат санкциите против Москва за руската инвазија врз Украина.
„Одлуката е навистина без преседан. Тоа го прекршува секое можно правило. Разбираме дека тоа произлегува од одлуката на Европската унија да ги прошири санкциите на транзитот на стоки. Ние веруваме дека тоа е исто така нелегално“, изјави портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков.
Западните влади ја предупредија Москва на жестоки санкции доколку руските трупи продолжат со нападите врз Украина.
Литванските власти предложија Русија да испорачува стоки по морски пат до Калининград, единственото руско пристаниште без мраз во текот на целата година.
Руското Министерство за надворешни работи на 20 јуни соопшти дека го повикало литванскиот вршител на должноста во Москва во знак на протест за, како што ги нарече, „провокативните“ и „отворено непријателски“ мерки.
„Доколку во блиска иднина карго транзитот меѓу Калининградската област и остатокот од територијата на Руската Федерација преку Литванија не биде целосно обновен, тогаш Русија го задржува правото да преземе активности за заштита на своите национални интереси“, соопшти Министерството.
Списокот на забранети руски стоки на ЕУ вклучува градежни материјали, јаглен, метали и напредна технологија.