Лицето од српската потерница стана главна бизнис фаца под заштита на Љубчо и на Грујо!

by Фокус

Текстот е објавен на 22 април 2011 година во неделникот „Фокус“.

Пишува
Саше ДИМОВСКИ  

Јовица Стефановиќ или газда Нини во Македонија дошол пред речиси 20 години, но, ретко кој слушнал тогаш за него. Почнал бизнис со лекови, како дистрибутер на „Реплек“ во Србија , за кратко време потоа да се префрли во вносниот бизнис – продажба на цигари. Луѓе од тутунската империја се сеќаваат дека Нини имал добра соработка со тогашниот директор во Македонија табак – Данчо Шутурков, бидејќи сегашниот српски тајкун тогаш бил главен дистрибутер за македонските цигари кои се продавале на српскиот пазар.

Во тоа време, кога почнал да му цути бизнисот со цигари, Стефановиќ Нини ги зацврстил своите врски со тогашното српско раководство, со српскиот претседател Слободан Милошевиќ и со неговиот син Марко, па почнал да се префрла и на новото поле – веледрогериите и бизнисот со лекови.

Ја основал веледрогеријата „Нини“ која подоцна станала и „Нини-фармација“, а бизнис семејството се зголемило и со веледрогеријата „Ремовит“. Но, Нини не застанал тука. Неговиот предмет на интерес и тргување било насочено и кон нафта, брашно, злато, акцизни и прехрамбени производи!

ПРИЈАТЕЛСТВО ОД МИЛОШЕВИЌ ДО ВОЈО МИХАЈЛОВСКИ

Сепак, не му цутеле рози баш во сите сфери. Дали најмногу ризикувал или, пак, добил со купување на акции во банките? Ова од таму што две банки во Македонија каде што Нини поседуваше голем дел беа ликвидирани. Прва беше „Радо банка“, а по неа и „Македонска банка“. Бидејќи во „Македонска банка“ акции имаа врхушките на тогашното ВМРО-ДПМНЕ, па и нивните пајташи, од возачи и телохранители, влезот на Нини се толкуваше како подарок за партијата која му дозволи претходно да купи значаен дел од македонските компании, иако тоа беше спротивно на постојните македонските закони.

jovica-stefanovic-nini-srbolek-1328585176-55634

 

Покрај борбата за Фабриката за слатки – „Европа“ од Скопје, каде што откупи 33 проценти од акциите преку две свои фирми, за што пишувавме во минатиот број на „Фокус“, Нини се судри и со сѐ уште актуелниот гувернер на Народната банка на Македонија, Петар Гошев за случајот со „Македонска банка“, но со заложување на акциите на банката повторно кај своја фирма успеа да ја надмудри монетарната власт и да се стекне со капитал кој не можел легално да го купи.

Сепак, Комисијата за хартии од вредност или наследниците на Агенцијата за приватизација не најдоа спорни елементи во таквите продажби наспроти трговските судови во Србија, кои ги поништија речиси сите приватизации што на ист или сличен начин ги направил Нини во Србија.

Приказната за љубовта кон банкарскиот сектор на Нини почнува со влезот како најголем акционер во „Комерцијалната банка“ во Србија, но, поради тоа што банката недозволено му овозможувала на Нини преголема кредитна задолженост без да ги сервисира долговите, српските истражни органи поведоа судски постапки.

Колегите од Србија, кои го истражуваа минатото на газда Нини, наведуваат дека тој бил најголем сопственик во оваа банка, па во текот на истрагата и апсењето, покрај за раководството на банката имало налог за апсење и на Јовица Стефановиќ Нини. Но, како што тогаш беше истражено, Нини бегајќи преку прозорец од неговата куќа во Ниш, успеал да и побегне на полицијата, па често тоа му успеваше и во Македонија – да биде побрз од органите на прогонот и од финансиските институции и да ги надмудри.

Секако, се до ноември 2010 година, од кога е зад решетки поради злоупотреби при склучување на договорите за купување на повеќе српски компании. За случајот со фабриката за лекови „Срболек“, за која е обвинет, се наведува дека нанел штета или присвоил 5 милиони евра!

ВО СРБИЈА БЕГАЛЕЦ, ВО МАКЕДОНИЈА ГАЗДА!?

После бегството на Нини, полицијата во Србија распишала потерница, но газда Нини нашол сигурна заштита во Македонија. Па, до вчера непознатиот за пошироката јавност, нишки бизнисмен се расфрла со пари на берзата. Ќе купува акции во повеќе добростоечки компании, а преку пласирани и невратени кредити од банките во кои тој има побарување, се стекнува и со дополнителен имот. Активната српска потерница во тој период за него не значела опасност во Македонија, бидејќи тогаш немаше договор за екстрадиција, а уште помалку испорачување за дела од економскиот криминал!

Секако, Нини го користи секој момент за проширување на бизнис империјата. Ја купува „Јака 80“, но, на листата се нижат – „Радо банка“, „Ветфарм трејд“, „Македонска банка“, па скопската фабрика за леб и бели печива „Жито Скопје“, „Мак лек“, земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, „Тетекс“, тогашната „Охридска банка“, фабриката за масло за јадење „Благој Ѓорев“, тогашната „Силекс банка“, битолската картонажа „Фустеларко борец“, акции во „Комерцијална банка“ и во фабриката за слатки „Европа“ – Скопје.

Но, Нини не останува само на овие компании, бидејќи преку акциите што тие ги имаат во други фирми, или во од нив основани фирми ќерки, се здобива со акции во други компании. Тука е и правото на распределба на добивката во уште неколку капитално поврзани фирми со претходно спомнатите!

Денес сликата за газдинството на Нини во дел од компаниите е намалена, зголемен е основачкиот влог или на друг начин пораснала главнината на друштвото, но сѐ уште се видливи империите на Нини во македонските претпријатија. Шемата во речиси сите компании е иста. Нини влегува и купува акции преку „Јака 80“ – рецепт кој го применува и во Србија, за на крај да биде згасната матичната фирма според податоците од Централниот регистар на Србија во 2010 година. Преку „Јака 80“ правел годишен промет од над 3 милиони евра, иако за работниците се поретко имаше плата. И со тој обрт на пари, Нини преку „Јака 80“ успеа да купи педесетина фирми во Македонија и Србија!

Нини стана актуелен во јавноста после судирот со гувернерот Петар Гошев, кога Стефановиќ не го спроведе налогот на Централната банка за намалување на акционерско учество до 10 отсто од капиталот на „Македонска банка“. Нини пред да ја добие опомената од Народната банка, дури 60 проценти од капиталот на „Македонска банка“ го заложил во својата фирма „Нини“ од Србија. Сега со одлука на обвинителството му се одзема и оваа фирма, преку која се истргувани најголем дел од српските компании!

Газда Нини акциите на „Македонска“ ги заложил во периодот кога во Македонија се носеше законот за банки, кој му даде право на гувернерот да продава акции преку аукции на Берза во име на сопствениците на хартии од вредноста на банките, ако тие не го извршат налогот за продавање на акциите во рокот што ќе им биде даден од Народната банка!

ПРЕКУ МАКЕДОНСКА БАНКА ЈА НАДИТРИ НБМ

Законот го обрзувал, но Нини не ја информирал НБМ за залогот на акциите, па кога Централната дознала што направил Нини, веќе не можела да стори ништо, оти не може да продава ствари кои претходно се заложени. Поради поткапитализација на „Македонска банка“, на Нини му беше наложено како мнозински сопственик во банката своето учество да го сведе на 10 проценти капиталот, но, откако тоа не беше сторено, на банката и беа одземени дозволите за работа со странство и овластувањата да пласира кредити.

Пред купувањето на „Македонска“, газда Нини во Македонија ја загуби и „Радо банка“, која, иако беше направен план да се спои со „Македонска банка“, сепак Народната банка одлучи таа да отиде под стечај. Сега, откако една банка отиде во стечај, а другата беше ликвидирана, според законот, газда Нини не може да поседува банка, но купувањето во овие банки се случуваше во време кога, по одлуката на Уставниот суд, ВМРО-ДПМНЕ брзаше да се ослободи од партискиот капитал, меѓу кој и тој во банката, па затоа се направени еден куп вакви трансфери.

Но, тогаш нив не можела да ги спречи ниту Народната банка ниту Комисијата за хартии од вредност, која не утврдила поврзаност помеѓу фирмите купувачи, иако на сите нив заеднички основач им била или фирмата !„Нини“ или „Јака 80“, сопственост на самиот Јовица Стефановиќ Нини!

Затоа и информациите за Нини, дека има намера да го продава неговиот имот во македонските компании, плашејќи се да не му биде замрзнат или одземен од страна на судот, како во случајот со Србија, ги разгоре страстите на македонскиот пазар на хартии од вредност. Неделава брокерите кои имаат овластување за продажба на капиталот биле буквално по цел ден преблокирани од повици и тоа не само од бизнисмени од Македонија, туку и од странство, па дури и од Русија, кои се интересирале за купување  на кондиторската фабрика од Скопје!

За сега во оптек биле повеќе понуди, но брокерите не сакале по секоја цена да почнат да тргуваат со акциите, бидејќи не веруваат дека некој наскоро би повел постапка против газда Нини во Македонија, па од тука не би била за сега загрозена ниту вредноста на имотот.

Сепак, најзаинтересирани се тие компании каде вредноста на имотот што Нини го поседува е речиси една третина или повеќе, простор што би му овозможил со откуп на акции од малцински акционери да дојде и до управувачки пакет или да ја користи можноста да вметне свои луѓе во органите на управување на компаниите и да бара одржување на акционерски собранија!

Значи, ако подвлечеме црта – она што во Србија е криминал на газда Нини, овде, во време на Преродбата, тој се надградува и проширува!?

 

Поради застареност на гонењето
ПОТЕРНИЦАТА УКИНАТА ВО СРБИЈА, НИНИ СПЕКТАКУЛАРНО СЕ ВРАТИ ДОМА

Во време додека Јовица Стефановиќ Нини ја гради бизнис империјата во Македонија, под закрила на тогаш високите партиски структури на ВМРО-ДПМНЕ, од секретар до лидер на партијата, Србија ја укинува потерницата по него, откако дал тогашни 250 илјади германски марки и ветување дека ќе се појавува на суд. Секако, на крајот од тоа не излезе ништо, бидејќи пријавите застареа. Но, сепак, враќањето на Нини во Србија беше дочекано со голема медиумска помпа, и тоа не само од медиумите во Ниш, каде што му се најголемиот дел од компаниите, туку во цела Србија.

Судот ја укинал националната потерница и решението за притвор што му било одредено уште во 1998 година, кога против него биле поднесени две кривични пријави за стопански криминал, по што, како што веќе напишавме, побегнал од Србија кога полицијата дошла да го апси со налог. Се товарел дека во платниот промет на Србија внел 2 милиони долари, пари внесени преку работа со „Комерцијалната банка“ на Србија и Текстилната индустрија од Ниш. Го сомничеле за продажба на црно на лекови, нафта, брашно, но и за затајување данок.

Српските весници тврдеа дека нафтата и тутунот ги продавал благодарејќи на контактите со Марко Милошевиќ, синот на Слободан Милошевиќ, но, и со водачот на српските паравоени единици, Жељко Ражнатовиќ – Аркан. После враќањето, кога бил сигурен дека српското правосудство не му може ништо, се пуштил во поход на купување на фирми по цела Србија, најмногу во процесот на приватизација, зделки кои подоцна ќе бидат поништени. Но, сега, зад решетки не е само Нини, туку повеќе српски тајкуни кои на ист начин купувале имот и компании во Србија.

„Сега српските тајкуни се на колена“ – коментира српскиот печат, посебно по одлуката на обвинителството за одземање на имотот и на фирмите!

 

Моќта е поголема кога си во одбрано друштво
ВОЈО МИХАЈЛОВСКИ МЕЦЕНА НА НИНИ

Поради моќните врски со тогашната политичка гарнитура, Нини направи капитал во Македонија, но тој за многумина беше и златен рудник за правење пари, оти, покрај неговите, тој испра и многу други пари, со купување на акции во фирмите. Му се припишуваше блискоста со Војо Михајловски, тогаш директор на Фондот за здравство и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, кој подоцна ќе биде суден токму за набавки што по нереални цени биле правени преку една од фирмите на Нини.

Имено, Војо Михајловски беше гонет кривично, затоа што го оштетил буџетот на Фондот за здравство со тоа што и исплатил со цесија на „Ветфарм трејд“,  20 милиони денари за стока во вредност од 7,3 милиони денари. На ваков начин, газда Нини станал побогат за речиси 13 милиони денари!

Се тврдеше дека Нини ги добил гаранциите токму од Михајловски, дека може слободно да шета и работи во Македонија, независно што има потерница по него во Србија, па дури и бил запознат лично со тогашниот премиер Љубчо Георгиевски!

 

Предупредување од малцинските акционери на „Срболек“
ПРИВАТИЗАЦИЈАТА БЕШЕ КРИМИНАЛНА, АМА НАС НИКОЈ НЕ НЕ СЛУШАШЕ

Акционерите на српски „Срболек“, после апсењето на Нини во ноември 2010 година, ја потсетија јавноста дека повеќе пати алармирале дека приватизацијата е криминална, меѓутоа нив никој не ги слушал. Дури сега, по отворање на постапката и по поништување на приватизациите, се покажале како точни нивните тврдења.

Јовица Стефановиќ Нини, тврдат акционерите на Срболек, од „Чачанска банка“ подигнал повеќе кредити за кои како хипотека го ставал имотот на Срболек, иако за тоа немало одлуки на Собранието на акционери, ниту на државниот фонд кој управувал со акциите. Добиените средства од кредитите ги трошел ненаменски, што се потврдило и со сегашната истрага што ја водеше криминалистичката полиција во Белград.

srbolek

„Чачанска банка“ веќе објавила оглас за продавање на имотот што бил ставен под хипотека на повеќе атрактивни локации во Белград, но, работниците ги предупредуваат купувачите да не се пуштаат во авантура да го купат имотот, бидејќи може да им биде одземен во судската постапка која треба да почне наскоро, ако се утврди дека бил стекнат на незаконски и криминален начин или преку сомнителни трансакции.

Јовица Стефановиќ Нини е во притвор токму поради сомневањата дека повеќе години преку незанска работа во Срболек го оштетил претпријатието за најмалку 5 милиони евра!

Поврзани новости