Трагедија ја потресе земјава синоќа, откако во Охрид во сообраќајна несреќа загина 44-годишна жена, а уште едно лице е повредено, и тоа додека се движеле на тротоар.
Станува збор за семејна жена, која била вработена во објект во центарот на Охрид. По завршување на работното време, таа и колегата тргнале да си одат, кога во нив, на пешачка зона, удрило возилото.
Како што потврди за ,,Фокус” портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, 22-годишникот кој со возило голф удрил во пешаците, немал возачка дозвола. Истиот, не бил под дејство на алкохол.
-Починатото и повреденото лице се колеги, кои по работниот ден си тргнале дома. Немам точни детали во кој објект работеле, најверојатно во продавница или спортска обложувалница во близина. Настанот е случен на место каде максимална дозволена брзина е 50 километри на час. Според првичните сознанија, очигледно е дека се возело со зголемена брзина, обвинителството ќе ги даде прецизните одговори. Постојано апелираме на внимателно возење и почитување на сообраќајните прописи, имаме над сто кампањи за превенција, се делат летоци, се советуваат учесниците во сообраќајот, за да нема вакви немили настани. Посебно кога се вози со голема бразина, опасноста од губење на контрола над воланот е алармантна! Во првите пет месеци од годинава имаме издадено околу 3.000 прекршочни налози, имаме седум кривични пријави! Мора да се почитуваат правилата, вели Димоски.
Според Министерството за внатрешни работи, на 19.06.2025 во 22.30 часот во СВР Охрид било пријавено дека на кружен тек од бул.„Туристичка“ со ул.„Јане Сандански“ во Охрид, патничко возило „фолксваген голф“ со охридски регистарски ознаки, управувано од И.С.(22) од с.Пашино Рувци, прилепско, со престој во Охрид, удрило во метален столб, а потоа и во пешаците А.Б.(44) од Охрид и Д.П.(52) од Скопје.
Од здобиените повреди А.Б. починала во Специјалната болница „Св.Еразмо“, а лекар констатирал смрт. Со тешки телесни повреди се здобил Д.П., додека со телесни повреди се здобиле возачот И.С. и неговиот сопатник К.М.(19), констатирани во болницата „Св.Еразмо“ и во Општата болница Охрид.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Охрид, а по наредба на Јавен обвинител, И.С. бил лишен од слобода поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 300 став 2 од Кривичниот законик.
Вики КЛИНЧАРОВА