Мојата сестра Верче Белчовска почина на само 20 години, прегазена на пешачки премин во Струмица, од лице кое тогаш имаше 18 години и побегна од местото на настанот. Потоа, истиот се пријавил во полиција, беше осуден на срамна затворска казна од 15 месеци, која под притисок на јавноста беше зголемена на 30 месеци. Сега веќе, тој е на слобода и си продолжува со својот живот, за ,,Фокус” раскажува Мартин Белчовски, брат на Верче, чиј живот заврши во април 2021 година.
Девојката која по потекло е од Русиново, Берово, со родителите се преселила во Струмица, во потрага по работа и подобар живот. Беше покосена на пешачки премин, а потоа со внатрешни крварења во мозокот беше пренесена на Ургентниот центар на КАРИЛ, каде беше оперирана. Откако лекарите утврдиле мозочна смрт, нејзиното семејство се согласи да ги донира органите, а срцето на девојката му го продолжи животот на 22-годишниот Иле Стрезоски од Брвеница. Нејзините органи, исто така, спасија животи на уште десеттина пациенти. Помеѓу нив беше и 19-годишен пациент кој се лекуваше од малиген тумор на коска, и кој доби здраво коскено ткиво.
Сега, кога јавноста е потресена од случајот со младата Фросина Кулакова, која почина откако беше прегазена на пешачки премин во Скопје, од лице без возачка дозвола, под дејство на алкохол, кое со огромна брзина поминало на црвено светло, повторно се актуелизира темата околу висината на казните кои во земјава се изрекуваат за вакви дела.
И додека семејството на Кулакова и пошироката јавност бара доживотна казна затвор за сторителот, и се организираат протести во земјава, братот на Верче раскажува како живее нивното семејство по трагедијата, но и по изрекувањето на казната од две и пол години затвор за сторителот.
-Нема правда во Македонија, тоа ние најдобро го почувствувавме на наша кожа! Животот на Верче беше одземен, и тоа таму, каде пешаците треба да се најбезбедни, на пешачки премин среде град! За изречената казна затвор од само 30 месеци за лицето кое ни ја зеде сестра ми, има ли потреба да коментирам било што? Срамна одлука на судиите, која сите уште повеќе не срози!
Нашите родители повеќе не можеа да останат овде, не можеа да продолжат со живот во една ваква земја, каде на правдина бевме буквално прегазени, сите ние, целото семејство. Заедно со сестра ми се преселија во странство. Јас со мојата сопруга и детенцето останав во родното Русиново, но тешко е, на сите ни е тешко и таа болка и чувство на неправда не притиска секој ден. Нема заборав, нема простување, останавме да живееме со горчина, раскажува Мартин.
Додава дека по трагедијата, целото семејство на некој начин им се распаднало, сите останале да живеат со товарот од неправдата. Семејството на лицето кое ја прегази Верче никогаш не им се јавило, не им изразиле сочувство, не искажале каење кон нив за одземениот живот.
-Никаков глас не слушнавме од нив! Тој веќе си ја одлежа срамната казна, на слобода е, за нив животот продолжува, семејството им е на број, живи и здрави се. Ние, како сме и како живееме, сето тоа паѓа во заборав.
Сега, кога ги следам случувањата со младата девојка од Неготино, Фросина, можам со цело срце да им дадам поддршка на нејзините блиски, но и на сите оние свесни луѓе кои се дел од протестите на кои бараат правда.
И во нашиот случај, доколку се слушаше нашиот глас, пресудата требаше да биде доживотен затвор! Не беше тоа сообраќајна незгода, тоа беше усмртување на пешачки премин и бегање од местото на настанот.
Би порачал да се разбудат институциите, да се стави крај на корупцијата во судството, да се изрекуваат казни кои се соодветни на стореното дело. Одземен невин млад живот не може да се компензира со две-три години затвор!
И не станува збор за одземање на само еден живот, цели семејства се зацрнети, што мислат судиите, дали воопшто по таква трагедија, за тие родители и блиски роднини, некогаш ќе има живот?
Со соодветни казни за вакви дела ќе се делува и превентивно, кога потенцијалните сторители ќе бидат соочени со децениска казна затвор, сигурно добро ќе размислат пред да стиснат на гаста на возилото, пред да седнат пијани зад волан, пред да ,,летаат” на пешачки премини како да се недопирливи, вели братот на Верче.
Како утеха, раскажува дека им е фактот што неговата сестра спасила млади животи. Со Иле, кој го доби нејзиното срце, како и со момче кое добило бубрег од Верче, биле во постојан контакт.
-Нејзиното срце чука во градите на Иле. Тоа се едни помешани емоции, фактот што Верче спаси човечки животи, а на крај правда за нејзината смрт, ние како семејство не дочекавме. Не сакаме ниту да слушаме приказни за владеење на правото, оти на свој грб почувствувавме каква правда се додели за сестра ми. Не, нема правда во Македонија, и поддршка за сите кои сакаат тоа да се смени, ако треба и со протести на улица, раскажа Мартин Белчовски.
За Иле пак, момчето кое го доби срцето на Верче, ,,Фокус” пишуваше и пред две години. Тој е вториот пациент во земјава кому му беше извршена трансплантација на срце.
Ни раскажа дека неговите сестри отишле на погребот на Верче во Русиново, а веднаш откако му се стабилизирала состојбата по трансплантацијата, и тој стапил во контакт со семејството на Верче. Не можеше да најде зборови со кои би ја искажал благодарноста кон семејството Белчовски за покажаната хуманост во најтешкиот животен период за нив.
Вики Клинчарова