Лицемерно е Мицкоски да глуми загриженост за нас – порачаа лозарите

by Fokus

Претседателот на лозарското здружение ,,Напредни лозари”, Трајче Цветков, денес во Кавадарци одржа прес конференција, по повод вчерашната средба на дел од лозарите со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој порача дека е крајно лицемерно лидерот на партијата која дозволила винаријата Стефани да им должи на лозарите, да ги користи за добивање на политички поени и да глуми загриженост за лозарите.

-Ние најдобро знаеме кој не доведе до оваа ситуација. Ако тогашната власт вистински се грижеше за лозарите немаше да дојдеме до оваа ситуација. Пратеничката Весна Пемова од Кавадарци, која гордо стои зад Мицкоски, со години збор нема кажано за лозарите. Нема да дозволиме вакви политички манипулации со лозарите – изјави Цветков.

Лозарите од Тиквешијата кои во неделата излегоа на мирен протест, барајќи си ги парите кои им ги должат винариите ,,Стефани” и ,,Повардарие” за реколтата од 2015 и 2016 година, утре ќе се сретнат со министерот за земјоделство, Љупчо Николовски и градоначалникот Митко Јанчев.

Во пресрет на празникот на лозарите, Свети Трифун, кој во регионот се одбележува со прослава и свечено закројување на лозата на 14-ти февруари, тие најавија доколку до тогаш не им се исплатат парите, немаат причина да слават, туку ќе протестираат. Од здружението апелираа до празникот да бидат исплатени и субвенциите на лозарите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости